
ВИДЕО: Општинскиот шпорет на лотарија го доби ќерката на градоначалникот на Лозово, па експресно го врати
Општина Лозово одржа традиционалната предновогодишна манифестација по повод денот на општината, а на мега настанот кој онлајн можеше да го следи и поширока публика, беше организирана и лотарија, на која една од наградите – шпорет ја доби токму ќерката на градоначалникот на оваа општина, Аце Велковски.
Препорачано
Вероника Велковска пред присутните гости на настанот јавно се заблагодари за наградата и изјави дека семејството ќе ја донира на семејство од социјален ризик, но тоа фрли дамка врз целиот настан и разврза приказни дека станува збор за местенка.
-Јас имам три деца, тие живеат и учат надвор од земјава. Си дојдоа за празниците, а лозовите за наградната игра се продаваа во населбата, сите купуваа. Така, и моите деца си купија по еден лоз. Кога Вероника беше извлечена како среќен добитник, веднаш знаев што може да следува, затоа и ја пратив среде манифестација да појасни дека шпоретот ќе го донираме – појаснува Велковски за Фокус.
На лотаријата освен шпоретот во „игра“ биле и скутер, микробранова печка, телевизор, но никој друг од неговото семејство освен ќерката немале среќа да извлечат добитен лоз.
Градоначникот е дециден, и да не им паднал шпоретот, туку било која од наградите, сепак ќе ги донирале, нагласувајќи дека станува збор за чиста среќа.
Во Домот на културата во Лозово по 24-ти пат се одржува новогодишната прослава, а годинава гости на вечерта биле групата „Виртус” и естрадните уметници Цеца и Александар Михајлов.