
(Видео) Обвинителството не се откажува од гонење на таткото – единствено родителите знаеле дека Вања ќе оди сама на училиште
Обвинителството не се откажува од гонење на таткото на малолетната Вања, Александар Ѓорчевски кој денеска со првостепена пресуда беше ослободен од обвинението дека помагал во грабнувањето на ќерката. Тие ќе поднесат жалба на одлуката, а според обвинителките што го водеа овој случај за нив стандардот „вон разумно“ сомнение не е стопроценти сигурен и според анализата поединечно на доказите и сите заедно Обвинителството не можело да донесе поинаква јавнообвинителска одлука.
Препорачано
– Иако денеска не ги слушнавме аргументите на судот за ваквата пресуда, неспорен факт кој стои на страна на овој обвинет е дека единствено родителите на детето знаеле дека детето по исклучок критичниот ден ќе оди само на училиште. Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт го дознале од таткото, не од некој друг, од обвинетиот Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само, немало да има ниту грабнување, а немало да има ниту таков последователен исход. Обвинителството не можеше да помине преку овој факт, а наспроти тоа имаме и други докази кои иако се посредни, сепак се докази за вината на Александар Ѓорчевски. Од овие причини јавното обвинителство не можеше да донесе поинаква јавнообвинителоска одлука и ќе вложиме жалва. Обвинетите го сменија исказот на судска расправа но не понудија ниту еден разумен факт и околност зошто би го направиле тоа. Тоа дека имало тортура само за нивниот исказ за обвинетиот Ѓорчевски ниту се потврди ниту се докажа ниту е реално – рече обвинителката Ана Димитровска Стојановиќ.
Според обвинителката Жаклина Јосифовска – Крстевска изречените доживотни казни се доказ дека ниту еден сторител на вакви грозоморни дела не може да остане неоткриен и покрај до детали испланираните убиства.