Пратеничката група на Маорската партија во парламентот на Нов Зеланд/Фото: EPA-EFE/MARK COOTE AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

ВИДЕО | Нов Зеланд: Суспендирани тројца пратеници – Маори поради воинствен танц во Парламентот

Парламентот на Нов Зеланд гласаше за суспендирање на тројца пратеници од племето Маори поради нивниот протест пред неколку месеци, кога ја прекинаа седницата и го изведоа традиционалниот танц хака, проследен со викање и агресивни изрази на лицето.

Пратеничката од опозицијата Хана-Равхити Маипи-Кларк беше првата што го започна протестот кога беше прашана дали нејзината партија, Те Пати Маори (Маорска партија), го поддржува контроверзниот закон. Пратеничката беше суспендирана седум дена.

Двајцата копретседатели на партијата, Равири Ваитити и Деби Нгарева-Пакер, се суспендирани 21 ден.

Предлог-законот што го предизвика протестот имаше за цел да ги ревидира условите од основачкиот договор на земјата, но сега е отфрлен.

Нов Зеланд доби меѓународни пофалби за своите напори за заштита на правата на домородните народи, но неговиот однос со заедницата Маори се влоши во последните години под водство на конзервативната влада.

Минатиот ноември, видеата на кои се гледаат тројцата пратеници како го изведуваат воениот танц – често изведуван на спортски настани или церемонии за дипломирање во Нов Зеланд – станаа вирални и привлекоа глобално внимание.

Парламентарен комитет минатиот месец пресуди дека акцијата може да има „застрашувачки ефект“ врз другите пратеници.

Казните се без преседан. До денес, најдолгата суспензија изречена на пратеник од Нов Зеланд беше три дена.

Маипи-Кларк одржа емотивен говор во четврток за време на парламентарната дебата за санкциите. „Никогаш нема да молчиме и никогаш нема да бидеме изгубени“, рече таа низ солзи. „Дали нашиот глас е премногу гласен за овој Дом? Дали затоа сме казнувани?“

За време на дебатата, министерот за надворешни работи Винстон Питерс беше повикан да се извини откако ги нарече Те Пати Маори „група екстремисти“, велејќи дека земјата е здодеана од нивното однесување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот