Авионска несреќа во Индија/Фото: CISF

ВИДЕО | Нема надеж за преживеани во авионската несреќа во Индија

Патнички авион „боинг 787 дримлајнер“ на авиокомпанијата „Ер Индија“ со 242 патници и членови на екипажот се урна во четвртокот наутро неколку минути по полетувањето во медицински хостел недалеку од меѓународниот аеродром во Ахмедабад. Противпожарните и спасувачките служби веднаш излегоа на местото на една од најголемите трагедии во поновата историја на Индија. Сите болници во градот се мобилизираа за прифаќање на жртвите и на повредените што се извлекуваа од урнатините предизвикани од падот на авионот.

Меѓу патниците 217 се возрасни и 11 се деца. Од нив, 169 биле индиски државјани, 43 биле Британци, седум Португалци и еден Канаѓанец.

Авионот полетал од пистата 23 кобното утро кон аеродромот Гетвик во Лондон, но кратко потоа кога стигнал на висина од 190 метри, упатил сигнал за помош, а во 10:08 часот по локално време се изгубила комуникацијата со леталото.

Боингот „787 дримлајнер“ се урна врз просториите на Медицинскиот колеџ и Граѓанската болница во Ахмедабад, во кој имало многу лекари и медицински работници што во моментот на ударот ручале. Слики од делови од авионот се гледаат како висат од зградата на хотелот, предизвикувајќи сериозна штета. Постојат стравувања дека многу квалификувани лекари ги загубиле животите, бидејќи хотелот има 94 апартмани за околу 200 луѓе.

Авионот бил целосно полн со гориво за речиси 10-часовното трансатлантско патување, што ги направило и експлозијата и пожарот што следувал по него поинтензивни.

Се стравува дека сите патници и членови на екипажот се загинати во авионската несреќа, а според федералниот министер за здравство на Индија има „многу жртви“ и во воздухопловот и во медицинскиот колеџ во кој удри.

Според началникот на полицијата со кој разговараше „Асошиетед прес“, нема надеж за преживеани.

Првичните непотврдени информации зборуваа за најмалку 133 мртви, без да се знае кои од нив биле во авионот, а кои на земја.

– Трагедијата во Ахмедабад нè запрепасти и нè натажи. Ни го скрши срцето. Во овој тажен час, моите мисли се со сите погодени од него. Во контакт сум со министрите и со властите што работат напомош на погодените – напиша индискиот премиер Нарендра Моди на „Икс“.

Индиската армија испрати 130 лица, вклучувајќи лекари и болничари, за да им помогнат на цивилните власти во Ахмедабад во отстранувањето на остатоците од урнатиот авион на Ер Индија и транспортот на повредените. Локалната воена болница во градот е исто така во состојба на готовност, соопшти армијата. Во исто време, американската влада соопшти дека е подготвена да испрати тим за да помогне во истрагата за несреќата на Ер Индија, доколку индиските власти го побараат тоа.

Федералната администрација за воздухопловство на САД (ФAA) соопшти дека Националниот одбор за безбедност во сообраќајот ќе биде водечки претставник на американската влада и дека ФАА ќе обезбеди техничка поддршка.

Веб-страницата за следење на авијацијата „Флајтрадар24“ објави дека авионот бил „боинг 787-8 дримлајнер“, еден од најмодерните патнички авиони во употреба.

Експертите како можна причина за падот на авионот наведуваат судир со јато птици бидејќи кратко по полетувањето, авионот почнал да губи висина – нешто што може да се случи само ако моторите престанат да обезбедуваат потисок или ако се изгуби искачувањето.

Од своја страна, авијацискиот аналитичар Санџај Лазар коментира: „Ова објаснува зошто авионот не можел да го одржи зголемувањето на висината. Ако имало повеќекратни удари со птици за време на полетувањето, веројатно не можел да ја одржи моќноста подолго од шест до седум минути, што резултирало со пад.“ Тој нагласи дека авионот за кој станува збор е релативно нов, односно стар само 11 години, па затоа механички дефект се смета за малку веројатен.

Ова е првата несреќа во која е вклучен „боинг 787 Дримлајнер“ или друга варијанта од семејството „787“ во 14-те години колку што моделот е во употреба (прв лет во 2009 година и комерцијален влез во 2011 година). Само пред шест недели, „Боинг“ ја прослави пресвртницата од 1 милијарда патници превезени од флотата на „дримлајнер“.

Според компанијата, повеќе од 1.175 „дримлајнери“ низ светот летале речиси 5 милиони пати евидентирајќи повеќе од 30 милиони часа во воздух.

Имало неколку технички проблеми (најзначајни проблеми со литиум-јонските батерии на почетокот на услугата на „787“ во 2013 година), но ниту еден не резултирал со пад или губење животи.

Авионската несреќа во Индија е голем удар за „Боинг“, кој веќе се бори со низа проблеми, вклучително и фатални несреќи, со својата програма за „737“.

ВИДЕО| Најмалку 133 лица загинаа во авионска несреќа при полетување во западна Индија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот