
ВИДЕО | „Најголемата грешка во мојот живот“: Девојка продала винтиџ фустан за 135 долари, а потоа ја дознала вистинската вредност
Млада продавачка на винтиџ облека од Висконсин сподели горко искуство откако ненамерно продала дизајнерски фустан вреден илјадници долари за само 135 долари. 22-годишната Хана, која со препродажба на винтиџ мода се занимава уште од својата 17-та година, ја опиша неодамнешната продажба преку онлајн аукција во живо како „најголемата грешка во мојот живот“.
Препорачано
„Почнав со почетна цена од 30 долари, а шеесетина гледачи ја креваа сумата сѐ додека не достигна 135 долари. Веќе тогаш сфатив дека можеби вреди повеќе, бидејќи луѓето беа возбудени и ми посочија за која марка станува збор“, вели таа.
Набрзо се покажало дека фустанот е редок дизајнерски модел чија вистинска вредност се проценува на околу 3.000 долари, повеќе од дваесет пати над износот за кој бил продаден.
Иако многумина ѝ советувале да ја откаже зделката и повторно да го понуди фустанот, Хана решила да остане доследна и да ја испочитува продажбата.
„По неколку часа размислување, бев возбудена што можам да споделам толку значаен винтиџ фустан со некого кој веројатно инаку не би можел да си го дозволи, а јас сепак остварив профит,“ изјавила таа.
Нејзината приказна предизвика лавина коментари на Инстаграм и ТикТок. Додека едни сочувствуваа со младата продавачка, други остро ја критикуваа професијата на препродавачи, обвинувајќи ги дека „крадат од сиромашните“. Хана возвратила дека во САД продавниците за користена облека и донациските центри се преплавени со парчиња и дека има доволно гардероба за наредните седум генерации, без да се произведе ниту едно ново парче.
„Модата со користена облека значи давање нов живот на старите парчиња. Не добивате само уникатен моден предмет, туку придонесувате и за намалување на отпадот. Зошто би сакале да носите маица што ја имаат и милион други луѓе?“, заклучила таа.