
ВИДЕО | Моменти од земјотресот кој го погоди грчкиот остров Евија
Земјотрес со јачина од 4,9 степени беше регистриран вчера во централниот дел на грчкиот остров Евија, а на социјалните мрежи се појавија снимки од настанот. Како што пишува во соопштението Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, имало над 70 последователни потреси.
Препорачано
Грчките власти свикаа состанок на Специјалниот научен комитет за проценка на сеизмичкиот ризик, кој предизвика дополнителна загриженост кај жителите.
Комитетот беше свикан поради земјотресот кој беше почувствуван и во Атика, па затоа веднаш требаше да се разговара за итните мерки.
Претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси Ефтимиос Лекас соопшти дека откако стапил во контакт со министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилианидис, ја свикал надлежната научна комисија „со цел да се испита сеизмичката активност во областа Псахна – Халкида и да се покренат следните активности”.
Епицентарот на земјотресот беше токму во овие делови на островот Евија и не е поврзан со оној од 5 степени регистриран на 29 ноември во морскиот дел источно од Евија.
Според грчките сеизмолози, станува збор за познат расед, што може да предизвика и поголем земјотрес.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека не се пријавени ниту материјални штети, ниту добиле повици за помош на граѓани.