
ВИДЕО | Митровски: Стотици случаи на родово насилство завршуваат со условни казни што ги охрабрува сторителите
За случаите на родово базирано насилство, адвокатот Јанаки Митровски вели дека се’ уште се чести и раскажува во Утрински брифинг за жена која еден месец против своја волја била држена во својот дом со тешки телесни повреди. Полицијата уште не може да го најде сторителот иако бил познат по слични дела. Жената до денес не може да го напушти домот без полициска придружба.
Препорачано
„По кривичната пријава, обвинителот експресно зеде да го работи предметот, но од друга страна лицето е се’ уште во бегство, МВР не може да го најде иако за него пред овој настан имаше пријави од две жени, а кога излезе во јавност овој случај, ме контактираа од три четири страни дека лицето е неколкукратен повторувач на вакви дела. Не сум правел статистика колку точно случаи сум застапувал, но моето искуство како адвокат за жал говори дека овој тип на насилство е во пораст. И неказнивноста или благото казнување на ваквиот тип насилници придонесуваат за тоа. Во моментов водам неколку предмети на родово базирано насилство во кои сторители се мажи и мој апел беше до адвокатската комора дека бесплатната правна помош треба да се прошири освен на сиромашна странка и на жртви на семејно насилство“, вели за Утрински брифинг адвокатот Митровски.
Тој додава дека благите казни кои ги изрекува судот се една од причините за родово базираното насилство.
„На пример во Тетово од стотици случаи на родово насилство сите завршуваат со условни казни, односно со неизречена ниту една затворска казна што можеби и ги охрабрува насилниците затоа што казната е бенигна“, вели Митровски.