Флотила со хуманитарна помош тргна кон палестинската енклава/Фото: Marios Lolos / Xinhua News / Profimedia

ВИДЕО | Меѓународната флотила за Газа заедно со Грета Тунберг тргна од Тунис

По многу одложувања, меѓународната флотила денес тргна од Тунис кон Газа, со цел „пробивање на израелската блокада“ и отворање хуманитарен „коридор“.

„Се обидуваме да им испратиме порака на луѓето од Газа дека светот не ги заборавил“, изјави шведската активистка Грета Тунберг пред флотилата да тргне од пристаништето Бизерте, во северен Тунис.

„Бидејќи нашите влади не ги преземаат своите одговорности, немаме друг избор освен да ја земеме ситуацијата во свои раце“, додаде таа.

Околу 20 бродови го напуштија Бизерте денеска во зори, објави дописник на АФП.

Јасмин Акар, од Координативниот комитет на Северна Африка, објави слики од туниски бродови на Инстаграм со пораката „блокадата на Газа мора да заврши“, „тргнуваме за солидарност, достоинство и правда“.

Бродовите, кои пристигнаа во Тунис од Шпанија, се преселија во Бизерте по нивниот престој исполнет со инциденти во Сиди Бу Саид во близина на Тунис.

Глобалната флотила Сумуд објави дека два од нејзините брода биле цел на напади со беспилотни летала во текот на две ноќи минатата недела. По вториот инцидент, туниските власти објавија „напад со однапред смислена намера“ и додадоа дека истражуваат.

Француско-палестинската европратеничка Рима Хасан, која како и Тунберг беше на бродот „Мадлин“ што се обиде да ја пробие блокадата на Газа претходно оваа година, за АФП изјави дека „секако“ е загрижена за можноста за нови напади и додаде: „Се подготвуваме за различни сценарија“.

Поаѓањето на флотилата од Тунис беше одложувано неколку пати од безбедносни причини, поради доцнења во подготовката на некои бродови и временските услови.

Глобалната флотила Сумуд (сумуд значи „издржливост“ на арапски), која вклучува и бродови што тргнаа во последните денови од Корзика, Сицилија и Грција, првично требаше да пристигне во Појасот Газа кон средината на септември, по два неуспешни обиди поради израелската интервенција во јуни и јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот