Мечка на Шар Планина / Фото: НП „Шар Планина“ / скриншот

ВИДЕО: Мечки сè почесто се доближуваат до луѓето на Шар Планина, Националниот парк бара донации за прихрана

Националниот парк „Шар Планина“ објави повик за донации во домашна пченка и јаболка, откако биле забележани повеќе случаи во кои мечки се доближуваат до планинските села во потрага по храна. Надлежните во Националниот парк велат дека прихраната е потребна за да се намали ризикот од инциденти и средби на мечките и луѓето.

„Почитувани граѓани, пријатели на природата и поддржувачи на одржливото живеење, во последните две недели, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“. Овој феномен е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште. За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. БАРАМЕ ДОБРОВОЛНИ ДОНАЦИИ НА ЈАБОЛКА И ПЧЕНКА ОД ДОМАШНО ПОТЕКЛО, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана. Дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот“, велат од Националниот парк во објава на социјалните мрежи.

„Преку оваа акција:
Ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места.
Ќе се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана.
Ќе се овозможи мониторинг на нивната бројност, здравје и старосна структура.
ВАЖНО: Прифатливи се само јаболки и пченка од домашно производство, без хемиски третмани.
Доколку сакате да донирате или да помогнете со логистика, ве молиме оставете ги донациите во просториите на Јавната Установа Национален парк Шар Планина, почетна станица за гондола во Тетово, секој работен ден од 8-16:00 часот или контактирајте не на телефонскиот број 072 239 122. Заедно можеме да создадеме подобра рамнотежа меѓу човекот и дивината. Благодариме за вашата поддршка!“, додаваат од Националниот парк „Шар Планина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот