Фото: Слободен печат

ВИДЕО: Масакрот кај Карпалак одбележан пред мала спомен плоча, министерката Петровска ќе бара од Желино дозвола за споменик

И 22-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак, се одбележа пред малата спомен плоча поставена на банкината од Автопатот Скопје – Тетово.

Бранителите револтирани што и по повеќе од две децении од масакрот, надлежните сѐ уште не преземаат мерки да им се оддаде почит на загинатитe на достојно спомен обележје. Јордан Трајковски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници учесници во воениот конфликт 2001, вели дека денеска како и пред повеќе од две децении се поклонуваме во почит на хероите на нешто што го нема, на една обична плоча која не доликува на настанот кој се случил.

„Баравме и бараме и ќе бараме да се изгради спомен-обележје кое ќе личи на нешто, да се знае дека овие луѓе загинаа за државата, тие не загинаа за некои лични интереси. Втора работа е што учесниците од воениот конфликт се маргинилизирани и никој во државава наша не нѐ признава.

Немаме никакви права, тоа е нешто катастрофално, како ние да бевме тие кои се бореа против Македонија, а не тие кои ја бранеа нашата држава.

Ние станавме предмет за поткусурување, едната партија дава, а другата не дава и обратно. Пред месец дена во Собранието една партија предложи да се изврши обесштетување на ранетите, како и на семејствата на загинатите од воениот конфликт во 2001 година, но една партија беше против овој предлог. Немам зборови, ова е катастрофа. Што со живите херои кои не можат да преживеат?

Денеска на ова место го нема Врховниот командант на кого местото му е тука, иако е на 5 километри од Скопје“, изјави Трајковски.

На Карпалак пред спомен плочата се поклонија и цвеќе положија семејствата на загинатите, бранители, организации, преставници на политички партии, министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и делегација од Кабинетот на претседателот.

Фото: Слободен печат

Министерката Петровска изјави дека загинатите бранители заслужуваат споменик кај месноста Карпалак.

„Јас,  како Министерка за одбрана лично сметам дека заслужуваа достоен споменик со кој што нема да ги вратиме назад, но ќе имаме место каде достојно ќе им оддаваме почит на загинатите.

Денеска во текот на денот до Општина Желино која е надлежна општина ќе испратам писмо, исто како што направив и за загинатите кај Вејце, со барање на ова место да се изгради достоен споменик, а се разбира Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира“, рече Петровска.

Немилиот настан кај месноста Карпалак се случи на денешен ден во 2001 година околу 10 часот. Конвојот на АРМ беше подмолно нападнат од заседа, при што беше погодено едно транспортно возило на АРМ, во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав на армијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот