
ВИДЕО| Максути: Сервисирањето на ер тракторите ќе чини 25 милиони денари
Започнат е процесот за сервисирање на ер тракторите, односно авионите за гаснење пожари. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување денеска во Утрински брифинг рече дека се чека само на техничките детали. Во екот на пожарите од почетокот на август, директорот на ДЗС неколку пати најави дека ер тракторите ќе полетаат на сервис, но тие останаа приземјени и несервисирани со месеци.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Веќе е направена јавната набавка, и очекувам следната недела фирмата која ќе го врши сервисирањето да дојде и да ги земат авионите. Се чека на нивните дозволи и лекарските уверенија за да може Агенцијата за цивилно воздухополовство да ги проверува. Истиот момент кога ќе бидат подготвени, ќе ги превземат и ќе почне сервисирањето, вели Максути.
Дирекцијата за заштита и спасување договорот за сервизирање на авионите го склучила со шпанската компанија Titan Firefighting Company S.L. Се работи за поправка и сервисирање на трите противпожарни авиони.
– Сервисирањето на авионите е предвидено да чини 25 милиони денари или 406,504 евра.Во таа цена спаѓа и програма за одржување според сите стандарди на Европската Унија. Годишното одржување на авионите значи подготовка на воздухопловите со сите технички подготовки за да може авионот да лета и да гаси пожари.Временската гаранција што ја дава операторот што ќе ги сервисира авионите е за период од една година, објаснува Максути.
Преговарањето започнало на 26 јули, а шпанскиот оператор треба да ги преземе леталата од меѓународниот аеродром во Скопје.
Според договорот, можно е во текот на сервисирањето да произлезат и дополнителни трошоци, и истите се должни при откривањето на причините да ги документираат, и доколку можат, да ги фотографираат и за нотираните причини неодложно и во писмена форма да го извести договорениот орган со предлог решение или решенија за надминување на затекнатата или настанатата состојба.
Авионите треба да бидат сервисирани и вратени за околу 60-тина дена.