
ВИДЕО | Македонија оствари голема и важна победа против Казахстан во Астана
Денеска најдобрата македонска фудбалска репрезентација оставри важна победа на гостувањето во Астана против Казахстан со 1:0 во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Тоа е втората победа за нас во мундијалските квалификации, за моментно прва позиција на табелата со осум бодови.
Препорачано
На вештачката трева во првите пет минути од натпреварот почетен притисок извршија домашните фудбалери на нашата половина, но без посериозна шанса. На спротивната страна во следниот наш напад имаше удар Алиоски од околу 15 метри, но сигурен беше голманот Сејсен.
Доста отворена игра во првите 10 минути од двете страни, иако Казахстан повеќе се закануваше. На истекот на 11 минути го имавме и вториот удар овојпат преку Елмас, а потоа шутираше и Чурлинов, но повторно Сејсен успеа да одбрани.
Во 17 минута Казахстан имаше убава можност да дојде до водство преку Кенжебек кој ја погоди стативата. По 25 минути игра домаќините имаа и натаму поголем посед на топката, а ние воглавно се обидувавме да нападнеме од полуконтри.
Тешко доаѓавме до нова шанса во следниот период, но затоа во 31 минута домаќинот повторно се закани овојпат преку Самородов, но Димитриевски беше на висина на задачата. Само две минути подоцна грешката во одбраната на Казахстан ја казнивме преку Трајковски кој стрелаше прекрасно со волеј за водство од 1:0.
Во 39 минути во нашиот казнет простор падна фудбалер на Казахстан жалејќи се дека бил фаулиран, се проверуваше ВАР снимка за евентуален пенал, но не беше досудено ништо. На пауза заминавме со минималното водство, а на стартот од вториот дел од голема далечина веднаш се закани Казахстан преку Тагиберген, топката помина само неколку метри покрај голот, но Димитриевски се лутеше кон своите соиграчи реагирајќи дека треба подобра да биде одбраната.
Доста борбена игра на средината од теренот со низа прекршоци, а Стојановски ги направи првите две замени, играта во 53 минута ја напуштија Костадинов и Чурлинов, а шанса добија Елези и Митровски. Во 58 минута Казахстан повторно се обиде од далечина од околу 20-25 метри, Самородов ја погоди пречката.
Тешко доаѓавме до нова шанса, премногу се дозволуваше противникот повеќе да ја контролира топката, а на тој начин и растеше повторно притисокот на домаќините кон нашата половина. Алип со левата нова упати „бомба“ кон македонскиот гол, но Димитриевски ја боксуваше топката и не дозволи израмнување на резултатот.
Во тек беше 70 минута на Димитриевски му се укажуваше лекарска помош, по скоро четириминутен прекин продолжи играта. После долг период на дефанзива, конечно нападнавме во 79 минута, се изборивме за слободен удар кој го изведе Барди, добро шутираше, но внимателен беше Сејсен. Во 85 минута повторно имавме голема среќа, откако Кенжебек ја погоди стативата.
Поради честите прекини, имаше дури девет минути судиско надополнување, и со сите сили се браневме да ја задржиме предноста. И во тоа успеавме, на крајот беа освоени три важни бодови за продолжување на мундијалскиот сон.
Квалификации СП 2026
Казахстан – Македонија 0:1 (0:1)
Трајковски 33`
Македонија: Димитриевски, Алиоски, Муслиу, Зајков, Деспотовски, Елмас (Ашковски 67`), Барди, Костадинов (Елези 53`), Чурлинов (Митровски 53`), Миовски (М. Ристовски 67`), Трајковски (Атанасов 83`).
Квалификациска група Ј
Понеделник, 9 јуни
Казахстан – Македонија 0:1
20.45 часот Велс – Белгија
Табела:
1. Македонија 8 бодови
2. Велс 7
3. Казахстан 3
4. Белгија 1
5. Лихтенштајн 0
Следни натпревари:
4 септември 2025
16.00 часот Казахстан – Велс
20.45 часот Лихтенштајн – Белгија
7 септември 2025
18.00 часот Македонија – Лихтенштајн
20.45 часот Белгија – Казахстан