
ВИДЕО | „Кумот на Путин“ моли за размена на воени заробеници во Украина
Украинските власти објавија ново видео од украинскиот пратеник, бизнисмен и кум на Владимир Путин, Виктор Медведчук, кој беше уапсен минатата недела во Украина. Во видео записот Медведчук повторно бара од Путин да се организира размена на заробени војници меѓу двете страни.
Препорачано
Во видеото кое осамна на социјалните мрежи и се уште неговата веродостојност е под знак прашалник, Медведчук истакнува дека неопходно е да се организира размена на воени заробеници и жители на Мариупол.
„Јас, Виктор Владимирович Медведчук, сакам да им се обратам на рускиот претседател Владимир Путин и на украинскиот претседател Володимир Зеленски со барање украинската страна да ме размени за бранителите на Мариупол и жители“, рече Медведчук, пренесува „Известија“.
Во меѓувреме официјален Кремљ неодамна ја отфрли идејата за размена на украинскиот пратеник, бизнисмен близок до Путин, Медведчук, уапсен во Украина, за затвореници во Русија.
„Кога станува збор за размената што ја споменуваат различни личности во Киев со толку страст и задоволство, Медведчук не е руски државјанин, тој нема никаква врска со специјална воена операција (во Украина), тој е странски политичар“, рече Портпаролот на руското претседателство Дмитриј Песков минатата недела.
Инаку Медведчук беше ставен во домашен притвор во мај 2021 година, кога беше обвинет за велепредавство и обид за кражба на природните ресурси на Крим, украинскиот полуостров што Русија го анектираше во 2014 година. Исчезна по почетокот на руската офанзива додека не беа објавени информациите за негово апсење.
Тој беше вториот најбогат човек во Украина во 2021 година со 620 милиони долари, според магазинот Форбс, а познат е и по врските со Путин.