Фото: Слободен печат

ВИДЕО: Колони возила и нервозни возачи, вообичаена слика на крајот од секој викенд на патот Стража-Гостивар

Километарски колони од превојот Стража па сè до семафорите после мостот на реката Вардар на само неколку километри од наплатната рампа на автопатот Гостивар-Тетово е вообичена слика во летниот период, особено во неделите кога туристите се враќаат од годишен одмор или од викенд, претежно од охридското крајбрежје.

Оваа слика која ја обезбеди „Слободен печат“ може да се види секоја недела во вечерните часови во летниот перод и така е со години, но надлежните без конкретни чекори за ублажување на сообраќајниот хаос.

– Да тргнеш порано од Охрид преку ден се високи температурите, а и ќе го изгубиш денот, од друга страна. Ваква е ситуацијата повеќе од 10 години ако не се лажам, катастрофа – се жали еден возач.

– Мислам дека треба да се најде некое сообраќајно решение, дали да се изгради некој надвозник за да може тие кои живеат во околните села да го користат тој надвозник за да не возат по магистралниот пат ако сакаат да одат во Гостивар. Не сум некој експерт, но треба да се преземе нешто – додава друг возач.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека во летниот период, особено во неделите, нивни полициски екипи се постојано на терен со цел регулирање на сообраќајот и ублажување на места како тој на магистралниот пат Стража-Гостивар.

– Наши екипи се на терен, но се работи за инфраструктура која не може, условно кажано, да го издржи тој сообраќај. Поради тоа се создаваат толку големи гужви. Ние во неделите имаме повеќе полициски службеници на таа сообраќајница, тој ден и патарините работат со полн капацитет, но пак се создаваат гужви. Дополнителен проблем е што има несовесно возачи па не сакаат да чекаат во колони и со своите возила непрописно престигнуваат, а тоа дополнително го закочува и онака хаотичниот сообраќај – информираа за „Слободен печат“ од СВР Тетово.

Засега од властите нема најави за ублажување на хаосот на оваа сообраќајна точка каде што за да поминете неколку километри се возите и над три часа. Изградбата на Коридорот 8 би го решила проблемот, но за овој голем капитален проект македонските граѓаните ќе треба да почекаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!