
ВИДЕО | „Како да го гледам Педесет нијанси сиво!“: Новиот трејлер за „Оркански височини“ предизвика шеговити коментари на интернет
Првиот трејлер за новата филмска адаптација на романот „Оркански височини“ (Wuthering Heights) беше објавен во средата и веднаш предизвика лавина подбивни коментари на интернет поради, како што велат корисниците, „непотребниот сексуализиран тон“, пренесе „ХафПост“.
Препорачано
Обожавателите на книжевниот класик на Емили Бронте од 1847 година остро го критикуваа најавениот филм на режисерката Емерaлд Фенел. Забелешките се однесуваат од изборот на актерите Марго Роби и Џејкоб Елороди, па сè до фактот што оригиналната музика ја потпишува поп-ѕвездата Шарли Икс-Си-Икс.
Приказната е фокусирана на бурната романса меѓу Хитклиф (Елороди) и неговата посвоена сестра Кетрин Ерншо (Роби). Фановите веднаш укажаа на недоследности со изворниот материјал, особено критикувајќи ги актерите.
Тие нагласуваат дека Роби е значително постара од тинејџерката Кетрин во книгата, додека Елороди не одговара на описот на Хитклиф, кој во романот никогаш експлицитно не е дефиниран по раса, но е прикажан како „темен“. Во адаптацијата од 2011 година, на пример, ликот беше претставен како Афроамериканец.
Многумина стравуваат дека сложените теми на книгата – насилство, суровост, општествени класи и расни прашања – ќе бидат запоставени во корист на атрактивните кадри на двајцата главни актери. Симболично, премиерата на филмот е закажана за Денот на вљубените.
Ова не е првпат Фенел да се соочи со вакви реакции. Нејзиниот филм „Солтбурн“ (Saltburn) од 2023 година беше жестоко критикуван поради сличности со „Талентираниот господин Рипли“ (The Talented Mr. Ripley), но без неговата длабочина. Затоа корисниците на социјалните мрежи подготвено изнесоа брутални коментари и за „Оркански височини“.
„Педесет нијанси Бронте“, се нашали еден коментатор, споредувајќи ја адаптацијата на романот со еротскиот хит „Педесет нијанси сиво“ (Fifty Shades of Grey).