Флотила кон Газа

ВИДЕО | Израелската војска интервенираше кон флотилата што се обидува да стигне до Газа, активистите опколени од војници

Израелската армија вечерва интервенираше против глобалната флотила „Сумуд“ која тргна кон брегот на Газа со цел да ја пробие поморската блокада и да достави симболична количина хуманитарна помош. Според првичните информации, во акцијата биле пресретнати неколку од над 40-те цивилни бродови на кои се наоѓаат повеќе од 500 луѓе – пратеници, адвокати и активисти, меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг.

Најверојатно два брода се веќе задржани и изгубивме контакт со уште еден“, изјави по 20 часот италијанскиот новинар Лоренцо Д‘Агостино, кој патува со флотилата.

Неколкумина активисти објавија видеа на социјалните мрежи во кои се гледаат израелски воени бродови како се приближуваат, издаваат наредби за гаснење на моторите, а потоа војници се качуваат и вршат апсења.

„Статусот на учесниците и екипажот останува непотврден. Ова е нелегален напад врз невооружени хуманитарци. Ги повикуваме владите и меѓународните институции да побараат нивна безбедност и ослободување“, соопштија организаторите на флотилата.

Израел: „Флотилата е провокација“

Од претходно, израелската морнарица преку радио ги предупреди капетаните дека продолжување кон Газа ќе значи апсење и кривичен третман. Министерството за надворешни работи во Ерусалим ја оцени акцијата како „провокација“, нагласувајќи дека бродовите се движат кон „активна борбена зона“ и дека кршат законска блокада.

„Израелската морнарица стигна до флотилата и побара од неа да го промени курсот. Израел понуди мирен трансфер на помошта преку безбедни канали“, се наведува во нивното соопштение.

Италија и Шпанија: предупредувања и придружба

Италија и Шпанија минатата недела распоредија воени бродови за придружба на флотилата, откако таа беше нападната од дронови со шок-бомби и надразнувачи во близина на Грција. Израел негираше одговорност за нападите, но порача дека ќе преземе „сѐ што е потребно“ за да спречи пробивање на блокадата.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја повика флотилата да запре, предупредувајќи дека хуманитарната акција може да ги поткопа надежите за дипломатско решение.

Италија: протести и најавен генерален штрајк

Во меѓувреме италијанскиот синдикат CGIL повика на генерален штрајк во петок, осудувајќи го третманот на активистите. Во повеќе градови вечерва се одржуваат демонстрации во поддршка на флотилата, а во Неапол демонстранти го блокираа железничкиот сообраќај на централната станица. Синдикатот предупреди дека нападот врз цивилни бродови со италијански државјани претставува напад врз „уставниот поредок“ и ја обвини владата во Рим за повлекувањето на својот придружен брод.

Франција бара заштита на активистите

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, изјави дека флотилата е запрена од израелските власти и побара гаранции за безбедноста на учесниците, нивното право на конзуларна заштита и нивно итно враќање во Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот