Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Протојереј Зоран Стаменковиќ: Да излеземе, да се гушнеме и да се напиеме по една чаша вино, сѐ во име на Бога и вистинската љубов

За многумина 14 февруари е ден кога ја слават љубовта, некои, пак, сакаат да прослават во име на виното. Сето тоа потекнува од чествувањето и славењето на двајца светители Свети маченик Трифун и Свети Валентин.

По повод празникот Свети Трифун, во емисијата „Слободен печат“ зборувавме со протојереј Зоран Стаменковиќ, кој даде свое видување, од аспект на Православната црква, за тоа како и зошто треба да се празнува денешниот ден.

– Денеска, 14 февруари 2024, како и секоја година нашата света Православна црква го чествува и празнува Светиот маченик Трифун. Тој живеел во 3 век во мала Азија, бил сиромашно момче и чувар на гуски, но бил голем верник. Живеел молитвено кон Бога и со својата честитост Бог го дарувал да има дар на исцеление. Помагал на многу болни луѓе и, како што се вели во житието, ја излекувал ќерката на самиот цар Гордијан, која имала психички проблеми, за што царот го наградил со многу дарови. Но, Светиот маченик Трифун тие дарови не ги задржал за себе, туку им ги раздал на сиромасите. Во тоа време христијаните биле многу гонети, да се верува и да се живее со Христа не било лесно и секој оној што се истакнувал во верата Христова, бил измачуван и убиван. Така и Свети маченик Трифун го предал својот живот, односно му била отсечена главата во 250 година по Христа. Нашата света Православна црква и народот низ вековите, особено нашиот народ во Македонија го чествува и го повикува Свети Трифун како заштитник на лозарите и на виновата лоза. Во црквата многу други светители се заштитници на други занимања, сите луѓе кои работат си имаат свој заштитник, така и лозарите го имаат Свети Трифун за свој заштитник – вели отец Зоран.

И двајцата светители што се слават на 14 февруари од Православната и од Католичката црква живееле речиси во исто време, но се чествуваат на различен ден.

– Во последно време почнаа да ни се нудат многу работи, така од Западот ни се нуди и начинот на кој се празнува и овој денешен ден преку Свети Валентин. И тој бил маченик и живеел речиси во исто време со Свети Трифун, а во тоа време источната и западната црква биле едно, односно тој тогаш бил православен и останува православен. Во 1054 година западниот свет отпаднува од вистинската православна вера и затоа западниот свет си го чествува и празнува Свети Валентин исто како и ние, само кај нас се празнува на 12 август – објаснува отец Зоран.

Иако Православната црква нема ништо против славењето на љубовта, отец Зоран потсетува дека треба да сме умерени во сѐ, па и во славењето и да не забораваме на вистинската Божја љубов.

– Инаку, денешниот празник Свети маченик Трифун со Свети Валентин нема никаква поврзаност, секако славењето на љубовта како и многу други работи се добри доколку се поврзани со Бога. Зошто правата, вистинска духовна љубов е многу посилна од нашата телесна љубов, која, за жал, ако не е поврзана со духовната Божја љубов е слаба. Сето тоа многу се материјализира и преку Холивуд со разни филмови и понуди преку кои се слави љубовта и се заработува. Сето тоа би било добро кога би се поврзале со правата Божја љубов, зашто именката на Бога е љубов и таа љубов ние треба да ја негуваме. Тој ден црквите треба да ни се полни со верници и да го прославиме Свети маченик Трифун, чествувајќи на литургија, па и да се причестиме, така вистински, православно треба да се прослави овој празник. Сѐ треба да биде умерено и овој ден на Свети Трифун, кој е посветен на винарите и виновата лоза, треба да ја има онаа вистинска љубов, да излеземе, да се гушнеме и да се напиеме по една чаша вино, сѐ во име на Бога и вистинската љубов – вели отец Зоран.

Целото интервју со протојереј Зоран Стаменковиќ можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!