
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Орданоски: Естонија има функционален систем, а НАТО дополнително обезбедува стабилност на земјата која е сосед на Русија
Проф. д-р Сашо Орданоски заедно со десет македонски и црногорски новинари минатата недела престојуваше во Естонија каде непосредно се запозна на функционирањето на системот во оваа балтичка земја, којшто и обезбедува стабилност во услови кога нивниот сосед Русија води речиси двегодишна војна со Украина. Во Естонија се наоѓа и сајбер центарот на НАТО кој се соочува со сајбер предизвиците кои се посебно интензивирани со почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Препорачано
-Имавме исклучително интересна посета на Естонија. Естонија е најразвиената земја во светот кога се работи за дигитализацијата. Тоа е мала земја, помала од Македонија, а поголема од Црна Гора, која е успешна економија со население од 1,3 милиони жители. Во земјата живее и 30 проценти руско малцинство кое поради политичкиот систем немаат етнички малцинства туку се водат како луѓе која зборуваат руски јазик. Сега Естонците живеат во една психоза која ние овде не ја разбираме, бидејќи ја немаме Русија на вратот. Естонија во последните десетина века е 42 пати окупирана од разни сили, но од Русите неколку пати. Посебно им тежи советската окупација и дека балтичките земји би биле следни на удар, вели Орданоски.
Зборувајќи детално за тоа што ја прави успешна во справувањето со актуелните предизвици, Орданоски нагласи дека Естонија има активна војска од само 4000 припадници но, во резерва има од 200 до 250.000 резервисти која може да се активира во многу кус период при некаква воена состојба. Во земјата се служи и задолжителен воен рок во траење од 8 до 13 месеци.
– Базичното искуство што може да се научи од нив е дека се работи за систем. Таму нема случајности туку систем кој е предвиден, којшто е позициониран, којшто е структуриран и во одреден момент може да се активира. Не е нешто на хартија, туку е функционален систем кој е во постојано ниво на подигната готовност, слично на моделот на поранешната цивилна заштита којашто постоеше кај нас. Сите тие знаат што треба да прават ако се случи нешто, а од друга страна системот на НАТО дава таква длабочина на сигурноста и безбедноста во функционирањето на тој дел од државниот систем што не може да се спореди со тоа кога Естонија не би била членка на НАТО, вели Орданоски.
Со посетата на македонски и црногорски новинари на Естонија, заврши првата фаза на проектот “Seeing is believing” во организација на Форум – Центарот за стратегиски истражувања и документација, во соработка со Џонс Хонкинс школата од САД и поддржан од американската мисија во НАТО. Следна шанса која македонските новинари ќе ја имаат за размена на искуства со колегите од светот е големиот самит на НАТО кој следната година, по повод 75-годишнината од основањето на НАТО ќе се одржи во Вашингтон.
Целото интервју со проф. д-р Сашо Орданоски погледнете го во продолжение: