Снимање на турска серија / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ: Одблиску со актерите од турската серија „Балкан Ниниси“ на сетот во Скопје

Во Скопје веќе се снима дванаесеттата епизода од најновата турска серија „Балканска приказна“ (Balkan Ninnisi). Серијата која во моментов се прикажува на ТРТ 1, предизвика голем интерес и кај македонската публика. Пред конакот во кој се снимаат најголем дел од сцените, наидовме на голем број обожаватели кои се фотографираа со актерите во истиот момент штом ќе добиеја таква можност.

Мерих Озтурк, која ја игра главната улога на Јованка, млада девојка од Македонија, заљубена во турчинот Ертан (Емре Беј) за „Слободен печат“ вели дека нема многу сличности со ликот на Јованка, освен нивната младост и делумна бунтовност.

Мерих Озтурк Фото: Драган Митрески/Слободен печат

– Голема е разликата да се снима серија во Скопје и во Истанбул, сепак оваа серија има и различна тематика, станува збор за забранета љубов помеѓу двајца млади од различни националности, и со самото тоа претставува нешто ново за мене. Јас сум човек што ја поддржува љубовта и сметам дека вистинската љубов колку и да е забранета, секогаш победува, вели Мерих.

Таа веќе се навикнала на животот во Скопје, но вели дека ѝ недостасува и нејзиниот роден град.

– Немаме многу време за шетање и запознавање на Скопје, но од тоа што досега го имам видено, градот многу ми се допаѓа. Кога сум во Скопје, сакам да се шетам низ Градскиот парк бидејќи е мирно и тивко, а токму тоа ми е потребно после напорните снимања. Од колегите најмногу се дружам со Сузан Акбелге, која во серијата ја игра улогата на Елена, мајката на Јованка и со Емре Беј, односно Ертан, но и со останатите колеги, вели Мерих.

Мерих Озтурк
Мерих Озтурк Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Строгата мајка на Јованка, Елена (Сузан Акбелге) живее во Скопје и е дел од Турскиот театар, а минатата година беше автор и на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот. Таа вели дека ликот на Елена ја потсетува на нејзината мајка, која била строга во воспитувањето.

– Дури сега откако ја играм улогата на Елена која е авторитетна и строга жена ја сфаќам мајка ми која ретко ни попушташе кога бевме деца, разбирам дека тоа го правела за да направи подобар човек од мене. Јас во приватниот живот не сум таква, мирна сум и не многу авторитетна. И во облекувањето се разликуваме. Елена е постојано елегантно облечена дури и во домашна атмосфера, за разлика од мене која дома сакам да носам удобна облека, вели Сузан.

На Сузан ова и е второ искуство со снимање на турска серија. Таа беше дел и од екипата на „Збогум Румелија“ која и македонската публика имаше можност да ја следи пред десетина години.

Сузан Акбелге
Фото: Драган Митрески/ Слободен печат

Режисери на серијата се Сердар Акар и Селахатин Санџакли, на кого животот на Балканот му е многу близок со оглед на тоа што потекнува од Санџак. Како што вели самиот, серијата не е базирана на конкретна вистинска приказна, но забранетата љубов и денеска, во модерно време е честа тема.

Селахатин Санџакли
Фото: Драган Митрески/Слободен печат

– Инспирација за серијата е од секојдневието, од љубовта, од животот. Уште во времето на Ромео и Јулија постоела забранета љубов, а постои и денеска. Воопшто не е тешко да се работи истовремено со турски и македонски актери. Тука јас се чувствувам многу пријатно и добредојдено, го разбирам и македонскиот јазик со оглед на тоа што потекнувам од Санџак. Предвидено е да снимаме 20 епизоди, но ако достигнат висок рејтинг и гледаност, голема е веројатноста да снимиме и 50 епизоди. Серијата веќе се емитува на ТРТ 1, но јас се надевам дека ќе ја откупи и некоја македонска телевизија за да можат гледачите да ја гледаат и со превод, рече Селахатин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот