Славица Кутиров, директорка на Царинска управа / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Кутиров: Царинската управа полни половина буџет на државата

Една од основните задачи и приоритет на Царинската управа е да обезбеди ефикасна наплата на приходите, кои се остваруваат при спроведување на царинските и акцизните постапки и тоа по основ на наплата на ДДВ при увоз, акцизи и царински давачки. Во 2022 година Царинската управа наплатила приходи во вкупен износ од 119,15 милијарди денари, или 1,9 милијарди евра.

Директорката на Царинската управа Славица Кутиров во интервјуто за Утрински печат на Слободна ТВ вели дека лани во март донесена е измена на Законот за Царинска тарифа, со која се намалени царинските стапки за 251 тарифни ознаки кои се однесуваат на приоритетните стоки користени како суровини и репроматеријали во преработувачката индустрија.

Царинската управа од самиот почеток е вклучена во активностите што се реализираат преку регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Овие активности се насочени во т.н. 4 европски слободи и тоа: слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги- вели Кутиров.

Основа на активностите во кои е вклучена Царинската управа е Меморандумот за олеснување на увоз, извоз и движењето на стоките потпишан од премиерите на трите држави на 29 јули 2021 година. Она што е многу важно е тоа што реализација на овие активности се врши координирано на високо владино ниво, што овозможува истите да се реализираат со забрзана динамика. Изминативе две години целосно се воспостави еден значаен концепт на Заеднички гранични контроли (оне – стоп – схоп) на ГП Табановце – Прешево, а набрзо ќе започне да се применува и на ГП Ќафасан со Албанија. Инаку во моментот на граничниот премин Табановце – Прешево  непречено функционираат 10 ленти на влез, и тоа: 2 за ТМВ, 1 за Автобуси и 7 за патнички возила.

-Во март оваа година, Владите на Република Северна Македонија и Република Србија потпишаа нов Меморандумот за мерки за унапредување на движењето на луѓе и стоки преку заедничата државна граница, во рамките на кој во моментов во координација со српската страна се работи на проширување на „тесните грла“ и подобрување на сообраќајниот пристап, како на влез така и на излез од ГП Табановце – Прешево, што има за цел да овозможи навремено позиционирање на возилата во меѓупросторот помеѓу двата премини и нивно рамномерно прераспределување на секоја од лентите, што пак дополнително ќе влијае на забрзување на протокот- вели Кутиров.

Во периодот што следи ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за вагање или т.н. „кантарски белешки“ на товарните возила помеѓу Царинските управи на двете земји, што ќе значи дека истите нема да мора повторно да се мерат при влез во една од двете држави.

-Или да биде појасно за гледачите кои се бенефитите од сите овие активности, би дала еден математички пример. Ако вие сте 50-то возило во редот на чекање, секоја минута пократко завршување на проверките на самата граничната линија, ќе значи дека ќе чекате 50 минути помалку- вели Кутиров.

Дигитализацијата на царинското работење е многу значаен дел на кој се фокусирани сите земји во светот, пред се развиените и земјите од Европската Унија. Целта на дигитализацијата е да се унифицира, олесни и забрза протокот на стоките и меѓународната трговија во целост и со тоа да се обезбеди поголема конкурентност на компаниите и раст на меѓународната трговија.

-Дигитализацијата е приоритет и на Владата и е фокус на многу државни институции. Придобивките од дигитализацијата на Царината и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно – извозните царински постапки.

Значајна новина со која во целост го заокруживме бесцаринското работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција во ноември 2022 со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински, без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет- вели Кутиров.

Во 2022 Царината забележала двојно зголемување во бројот на случаи на спречување на недозволена трговија во сите категории: 114 случаи во 2022, наспрема 58 случаи во 2021 и 2020.

ако позначајни заплени ќе ги истакнам 8 случаи во кои се запленети над 8 тони дроги и психотропни супстанци. Во 5 случаи е запленето вкупно 33,8 кгм злато со вредност од околу 1.5 милиони евра, а бележиме и 13 случаи на заплена на девизи во противредност од околу 600.000 евра. Исто така, запленети се цигари, тутун и тутунски производи за кои се избегнати давачки вклучувајќи и акциза од 87.571 ЕУР- вели Кутиров.

Овој тренд продолжува и во 2023 година. Од почетокот на 2023 година меѓу позначајните се 2 случаи со околу 50 килограми запленети дроги и психотропни супстанци, 9 случаи на заплена на акцизна стока (тутун и преработки од тутун, електронски цигари и тутун за наргиле), 2 случаи на заплена на злато, вклучувајќи го и последниот во март 2023 од 43 кг. златен накит, со вкупна проценета вредност од над 2,3 милиони евра. Овие се и главни предизвици за царинските службеници во делот на спречување на нелегална трговија. Тоа се стоки кои се забранети за тргување или стоки кои доколку се пријават подлежат на високи давачки или специјални дозволи.

-Но во секојдневното работење имаме и други случаи на заплени – од кафе, аквариумски желчиња, папагали, ИПР производи – со заштитено право на интелектуална сопственост, и други. Големо значење при откривањето на овие стоки имаат царинските кучиња кои се дресираани за нивно откривање, пред се дроги и психотропни супстанции, а се користат и мобилни скенери- вели Кутиров.

Случај на заплена кој искрено ја изненадил, е еден невообичаен случај од почетокот на годината, кога во посебна фабричка празнина на автобус со помош на мобилен скенер беа откриени и запленети 35 кг. кафе во зрно.

-Во овој случај избегнатите давачки беа незначителни, но начинот на кој беше сокриено, остава простор за сомнеж и овие случаи треба детално да истражат, со цел да се открие вистинската намера, односно не ретко криминалните групи прават проби пред некој поголем организиран нелегален транспорт кој треба да следи- вели директорката.

Се обрати до граѓаните со информација дека можат да внесат производи кои ги купиле во странство, во вредност до 350 евра (со исклучок на алкохолни пијалоци, преработки од тутун, парфеми). На прашањето дали има суспендирани цариници изминатиов период, Кутиров рече дека во 2022 година имаме примено вкупно 46 пријави за непрофесионално однесување на царинските службеници, а Секторот за професионална одговорност на ЦУ има спроведено 94 внатрешни истраги и 69 внатрешни контроли, а поведени се 28 постапки за утврдување на дисциплинска одговорност.

-Врз основа на постапки за утврдување на дисциплинска одговорност, како и поради поведени истраги за покренување на обвинение, во период од 2021 година до денес, 8 царински службеници се суспендирани од работното место, а на еден му е изречен отказ.

Започнувањето на процесот на скрининг минатата година, даде нов импулс во работата на Царинската управа.

-Изминатиов период бевме силно посветени на подготовка за билатералниот состанок за Поглавје 29, кој ќе се одржи оваа недела во Брисел. Во рамките на овие активности се отворија и анализираа над 100 регулативи на ЕК и национални закони и акти, со цел да се скенира тековната состојба за тоа каде се наоѓаме во однос на усогласеноста со законодавството на ЕУ, но и во делот на нивната имплементација. Секако конечните проценки и задачи ќе ги добиеме во извештајот од ЕК, по билатералниот скрининг- вели Кутиров.

Целото интервју со Славица Кутиров, директорка на Царинската управа погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот