
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ| Деаноски: Мора да се цени трудот и ризикот на вработените во судовите и во обвинителствата
Владата бара законски измени со кои нема да има усогласување на платите со растот на минималната што ќе се случи во март, но ова нема да важи за функционерите
Денеска продолжува штрајкот во обвинителствата, затоа што Владата не најде слух за да се решат проблемите со ниските плати и со избришаните додатоци, најави во интервју за „Слободен печат“ претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија, Трпе Деаноски.
Препорачано
Тој рече дека по средбата минатиот четврток со претставниците на Владата, штрајкот бил ставен во мирување, но до нова средба на која требало да добијат „контра понуда“, не дошло.
– За да покажеме добра волја, минатата недела го ставивме штрајкот во мирување. Се надевавме дека побрзо ќе дојдеме до средба, дека ќе наидеме на разбирање, но, за жал, тоа не се случи и денеска штрајкот повторно се активира. Тоа значи акумулирање предмети, кривични пријави, а крајната цена ја плаќаат граѓаните. Сѐ додека државата не се свести дека вработените во судовите и во обвинителствата заслужуваат повеќе поради специфичноста на нивната работа, поради трудот, ризикот и доверливоста, ќе се случуваат вакви работи – рече Деаноски.
Тој рече дека наспроти просечната плата во државава што изнесува 36.390 денари, просечната во обвинителствата е околу 25.000 денари. Таму колегите што се стручни соработници, а имаат правен факултет имаат плата под просекот, а другиот помошен кадар има минимална плата или блиску до минималната, информира Деаноски.
– Она што ѝ предочивме на Владата е дека според Актот на систематизација, во обвинителствата треба да има 1.109 вработени, а во моментов имаме 370 вработни, што значи дека еден работи за тројца. Дежурствата не се плаќаат како што треба – се плаќа фиксен износот од 300 денари, без разлика колку часови седи некој на работа – вели Деаноски.
Во однос на протестите што ги организира Независниот синдикат на судската администрација и нивното јавно незадоволство од Синдикатот на УПОЗ, како и барањето тие да бидат на преговарачката маса со Владата, Деаноски вели дека работата е јасна – Синдикатот на УПОЗ е репрезентативниот синдикат, кој води континуирана битка во име на судската администрација.
– Синдикатот на УПОЗ е репрезентативен и најголем синдикат во правосудството, тоа е така со години наназад. Повеќе од 1.300 вработни во судовите од 2.000 вработни се членови во овој синдикат. Членството на Синдикатот на УПОЗ дава шанса на преговорите, но и протестира. Оваа година двапати излеговме на протест, еднаш имаше протест на скопските судови кога дојдоа и колегите од апелационите судови и од Кривичниот суд и еднаш кога на протест дојдоа повеќе од 1.000 вработени од судовите низ цела Македонија, а тогаш почнаа и преговорите со Владата. Секоја Влада, независно која и да е, може да преговара само со репрезентативен синдикат. Јас сметам дека барањата на УПОЗ и на Независниот синдикат се исти. Чекаме една добра понуда од Владата, која би ги задоволила барањата на вработените и во судовите и во обвинителствата – вели Деаноски.
Тој се пожали дека одамна немало Социјално-економскиот совет и дека Владата прави нелогични потези.
– Владата бара да се изменат сите закони што ги регулираат платите на вработените: Законот за административни службеници, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителската служба и од нив да се извади минималната плата. Тоа би значело дека во март, кога ќе имаме нова вредност на минималната плата, ниту еден работник во државната администрација да не добие усогласување со минималната плата, но функционерите ќе си добијат зголемување затоа што никој не бара од нивниот закон да се тргне просечната плата – реагира претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Тој вели дека со септемвриското зголемување на платите од 10 проценти кај администрацијата, барем нема плати под загарантираната минимална плата. Но, потенцира дека инфлацијата го изеде растот од 10 проценти и дека мора да има нов раст на платите. Исто така, алармираше дека во администрацијата недостигаат стручни кадри што би ги обучиле идните генерации.
Се стокмија низа поволности во Законот за судска служба
Завчера се завршило со интервенциите во Законот за судска служба, а според Деаноски се испреговарани добри работи, како што е покажување плати, враќање додатоци на плата, има многу добри решенија и за судска полиција.
– За судската полиција бараме бенефициран стаж и мислам дека конечно ќе го добиеме. Но, овој закон треба да оди на ЕНЕР, треба да ја помине јавната расправа, па треба да ги помине филтрите во Министерството за финансии, во Владата, па потоа да оди во Собранието – појасни Деаноски.
ЦЕЛОТО ВИДЕО-ИНТЕРВЈУ ПОГЛЕДАЈТЕ ГО ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ: