
ВИДЕО | Хорор во автобус со македонски туристи што се враќале од Истанбул – возилото се прегревало, деца повраќале, патниците гладни и очајни
Сопственикот на агенцијата им рекол на туристите дека автобусот е во ред, па ја прекинал телефонската врска, што предизвикало дополнителен револт кај патниците.
Македонски туристи, меѓу кои имало и бебиња и пензионери, биле оставени заглавени на автопат во Грција повеќе од 14 часа, враќајќи се од Истанбул гладни и нервозни.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Причината за нивната голгота бил автобусот на агенцијата „Ганиќ ексклузив“ кој постојано се прегревал, па морале да застануваат цело време за да има време да се излади моторот и за да можат да го продолжат патувањето кон Скопје, објави А1 он.
Патничка за А1 он раскажала дека автобусот, со кој требало да се вратат од Истанбул, прво задоцнил пет часа бидејќи механичарите утврдиле дека возилото не е исправно и препорачале да се вози внимателно кон Македонија.
Иако меѓу 50-те македонски туристи имало и деца и пензионери, сопственикот на агенцијата на нивните јавувања одговорил дека автобусот е во ред, а потоа дури ја прекинал телефонската врска, што предизвикало дополнителен револт и чувство на несигурност.
Патниците, кои се од различни градови во Македонија, велат дека се молеле безбедно да стигнат дома.
— Никој не доаѓа да им помогне. Автобусот се расипа во Турција и таму чекавме 5 часа за поправка. Не ни беше пружена никаква помош, а мајсторите изјавија дека автобусот не е безбеден за возење. Сопственикот на агенцијата, Армин Ганиќ, ги принудуваше патниците да се качат во неисправниот автобус, кој имаше проблем со моторот и течеше вода. Деца и бебиња плачеа, а стари лица едвај се движеа. Сопственикот ни се закануваше дека ако пријавиме, ќе бидеме оставени на пат и нема да можеме да пристапиме во нашата родна Македонија — рекол патник за Скопје инфо.
Сведокот додал и дека во автобусот имало бебиња и дечиња кои биле болни со температура.
— Мало девојче, кое има помалку од 2 години, плачеше цел ден и почна да повраќа. Стари лица кои едвај се движат и имаат здравствени проблеми, луѓе кои не можат да стојат од исцрпеност, а нема каде да се скријат од студот… Ситуацијата е критична и секоја минута е ризик за животот на патниците — сведочел патникот за хоророт низ кој минувале.
Автобусот, кој постојано мирисал на изгорено, го управувал постар возач со помош на помлад колега кој го учел патот кон Истанбул, рекле извори за А1 он.
Дополнителен проблем бил тоа што возилото собирало вода во долниот дел и морало постојано да се полни вода кога ќе се прегреело.
Според дел од патниците, против агенцијата веќе имало тужби за неквалитетен превоз, а сега се разгледува можноста за нова заедничка тужба поради ризикот на кој биле изложени.
Една патничка дури сакала да го пријави дефектот на турско-грчката граница, но другите ја спречиле за да можат што поскоро да стигнат до Македонија.