Напад врз најголемата нуклеарна централа на Украина/ Фото Laurent FIEVET / AFP / Profimedia

ВИДЕО | Гори најголемата нуклеарна централа во Украина

Нуклеарната централа Запорожје во Украина е во пламен, изјави Дмитро Орлов, градоначалник на блискиот град Енергодар, пренесува Си-Ен-Ен.

„Закана за светската безбедност!!! Како резултат на немилосрдното гранатирање од страна на непријателот на зградите и блоковите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје гори!!!” објави Орлов на Фејсбук.

Со сличен апел на Твитер се огласи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој бара прекин на огнот за да можат пожарникари да интервенираат.

„Руската армија од сите страни пука врз нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа. Веќе избувна пожар. Ако експлодира, ќе биде 10 пати поголема експлозија од Чернобил! Русите мора ВЕДНАШ да го прекинат огнот, да дозволат пожарникари да воспостават безбедносна зона!”, напиша тој на Твитер.

Руските војници се обидоа да влезат во градот со тенкови и да ја заземат централата, но жителите и работниците беа видени како се собираат околу централата и нејзините околни патишта во средата, јави Би-Би-Си.

Украина има четири активни нуклеарни централи, вклучително Запорожје.

Во земјата се управува и со нуклеарен отпад на локации како Чернобил, кој сега е под руска контрола.

Меѓународната агенција за атомска енергија претходно денеска соопшти дека се консултира со Украина „и други со цел да и се обезбеди максимална можна помош на земјата додека се обидува да ја одржи нуклеарната безбедност во сегашните тешки околности”.

Погоден реактор кој не е во функција и зголемено ниво на радијација

Портпаролот на нуклеарната електрана Андриј Туз, за ​​украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата. Тој реактор се реновира и не е во функција, но внатре има нуклеарно гориво, вели тој.

Пожарникарите не можат да се приближат до огнот затоа што се пука во нив, рече Туз.

Владин претставник изјави за Асошиетед прес дека во близина на локацијата на централата евидентирано е зголемено ниво на радијација. Тој зборувал под услов да остане неименуван бидејќи информацијата се уште не е објавена во јавноста, пренесуваат западни медиуми.

Туз рече дека итно е потребно да се прекинат борбите за да биде угасен пожарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот