Пожар во Њу Џерси/Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

ВИДЕО | Голем шумски пожар во Њу Џерси, 3000 жители се евакуирани

Илјадници хектари шума изгореа, а 3.000 луѓе се евакуирани од своите домови поради големиот пожар што избувна во вторникот наутро во округот Оушн, Њу Џерси, САД. Според шумската противпожарна служба на Њу Џерси, пожарот брзо се проширил. Од утрово само 10 отсто се ставени под контрола, додека причините за неговото избивање се предмет на истрага.

Како што јавува Си-ен-ен, засега нема информации за повредени, но повеќе од 1.300 згради се загрозени од пламените јазици.

Шефот на полицијата на округот Оушн, Џон Ломбарди, изјави за американската мрежа дека неколку бизниси во индустриски парк во градот Лејси веќе претрпеле штета. Засега се чини дека нема поголеми штети на домовите, но ситуацијата е флуидна, истакна тој.

Густи облаци од чад ја прекриле областа, а локалните власти издадоа предупредување до жителите на округот за влошување на квалитетот на воздухот. Снимките од воздух објавени од локалните медиуми покажуваат згради кои веќе изгореле, додека пожарникарите се борат да ги заштитат преостанатите објекти.

Повеќе од 26.000 домаќинства останаа без струја во округот Оушн, според PowerOutage.US. Властите исто така затворија дел од Гарден Стејт Парквеј, еден од главните автопати во државата, а беше воспоставено пренасочување на сообраќајот.

Во претходните часови силниот ветер ги отежнуваше напорите за гаснење на пожарите, но временските прогнози укажуваат на пад на нивниот интензитет, а времето се очекува да биде суво во наредните денови.

Иако пожарите не се толку чести во Њу Џерси како во другите американски сојузни држави, жителите знаат колку може да бидат разорни. Минатиот ноември, пожарот од Џенингс Крик уништи илјадници хектари во Њу Џерси и Њујорк, барајќи координирани напори од две држави за да го изгаснат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот