Фото: „Слободен печат“

ВИДЕО | Гневни станари во зграда на „Џевахир Скај Сити“ бараат итно поправање на расипаните лифтови

Од фирмата за сервисирање тврдат дека обвинувањата на станарите се невистинити, дека од четири патнички работат два лифта, а дека се чекаат делови за да се поправат и другите два

Станарите на станбениот блок Ц во „Џевахир Скај Сити“ веќе подолго време се соочуваат со еден од најголемите проблеми со кој можат да се соочат жители на облакодер од 40 ката – не работат лифтовите. Тие тврдат дека својот револт за овој дефект постојано го потенцирале кај управителот кој раководи со сите услуги и потреби на зградата, меѓу другото е надлежен и за исправно работење на лифтовите, но станарите велат дека оттаму немало слух за решавање на проблемот.

Поради недостигот на комуникација меѓу засегнатите жители и управителот, станарите овој пат решиле да го прескокнат управителот „Хауз Мајстор Плус“ и упатиле заедничко писмо кон повеќе државни институции, до кабинетот на министерот за внатрешни работи, до Министерството за економија и многу други, каде тие го искажуваат своето незадоволство од работата на управителот на зградата и бараат нивна интервенција за решавање на нивниот проблем.

-Изминативе неколку месеци се соочуваме со сериозни проблеми во комуникацијата и извршувањето на обврските од страна на компанијата „Хауз Мајстор Плус“, кои кулминираат изминативе два месеци и заради нивно неодговорно, а се сомневаме и криминално постапување, секојдневно сме изложени на животозагрозувачки ситуации. Во последните неколку месеци се појавија низа дефекти едноподруго, а тоа продолжува да се случува во континуитет и за нив е повеќе пати известен управителот, кој е повикуван на состаноци каде му го искажувавме својот револт за овие проблеми, но тоа не вроди плод и ситуацијата остана иста – се вели во писмото на станарите.

 

Станар од зградата вели дека од шест лифта кои ги има во блокот Ц, само еден е целосно исправен, а сите останати се или делумно или тотално нефункционални.

 

– Единствено фирмата „Хауз мајстор“ е управител со зградата, ние како станари исто така ги носиме одлуките со 51 отстотно мнозинство од вкупниот број станови, кој изнесува околу 350. Управителот ја раскинал петгодишната гаранција за сервисирање на лифтовите со компанијата „Хјундаи“ без да нѐ праша нас како луѓе кои живеат во оваа зграда – вели станар за „Слободен печат“, кој тврди дека еден од лифтовите не е во функција повеќе од една година, а останатите се со расипани врати за затворање или други дефекти, додека пак само еден лифт е целосно исправен и во функција.

Во блокот Ц има околу 350 станови каде живеат над 1200 станари, а зградата има шест лифта, од кои, согласно куќниот ред, четири треба да се користат како патнички за пренос на лица кои со себе не носат голем товар, потоа еден товарен лифт наменет за пренос на габаритен и тежок товар и еден издвоен лифт кој е сервисен и служи за исфрлање на комунален отпад.

Според станарите, повеќе од една година еден од патничките лифтови е надвор од целосна употреба со образложение од управителот дека се чека дел од производителот од Турција. Во меѓувреме, многу често, останатите три патнички и еден товарен лифт покажуваа дефекти кои доста бавно биле сервисирани. Тензијата е најголема наутро, кога, како што вели еден од жителите, е „тепачка“ кој да се качи прв, земајќи предвид дека стотици луѓе истовремено одат на работа.

Управителот на комплексот, пак, за „Слободен печат“ вели дека со Блокот Ц раководи од 2023 година, а кога ја преземал зградата ситуацијата во која се наоѓале лифтовите била многу лоша бидејќи тие не биле сервисирани повеќе од 3 месеци од предвидениот рок.

-Ние како фирма дојдовме во 2023 година како нови управители и оттогаш ги исполнуваме сите наши обврски, учествуваме на состаноци со надзорниот одбор на станарите од Блок Ц, кој патем беше наша идеја бидејќи ние кога започнавме со раководење на зградата, станарите немаа оформено никакво тело за полесна комуникација со нас како управители. Свесни сме за проблемот со лифтовите, ги имаме добиено сите пријави и поплаки од жителите и сме во постојана комуникација со договорената фирма за сервисирање „Мега лифтови“, но едноставно, како што ни објаснија оттаму, се работи за лош момент бидејќи два лифта се расипаа одеднаш и имаат ист дефект – велат од фирмата управител и додаваат дека што поскоро ќе биде решен проблемот со неподвижните лифтови.

Од фирмата за сервисирање „Мега лифтови“, пак тврдат дека според сите нивни проверки, четири од вкупно шест лифтови се исправни и сигурни за пренос на патници и товар.

-Не е точно дека само еден лифт работи. Тоа се невистинити обвинувања од страна на станарите, ние како фирма за сервисирање извршуваме преглед на лифтовите еднаш месечно, а дополнително реагираме и на сите пријави кои ги добиваме од страна на станарите и управителот. Сите мали проблеми ги санираме, но двата патнички лифтови кои моментално не работат имаат посериозен дефект со инвертерот. Тој дел го чекаме да стигне директно од фабриката од Турција – велат од компанијата за сервисирање.

Оттаму додадоа дека уредно доставиле допис до станарите и управителот пред околу еден месец дека е нарачан нов дел за еден од двата дефектни лифта, а според нарачката, за да пристигне делот биле предвидени 20-тина денови, но делот сѐ уште не е пристигнат во Македонија.

-Според последните добиени информации, делот ќе пристигне утре. Штом пристигне, сервисирањето на неподвижниот лифт ќе биде направено за неколку часа и тој повторно ќе биде ставен во функција. Доколку делот е точен и одговара како што очекуваме, веднаш ќе нарачаме уште еден за вториот лифт што има идентичен дефект – информира сервисерот.

Проблемот на станарите е сериозен, тие немаат друга опција за движење освен со лифт, со исклучок на станарите од пониските катови кои можат да ги користат скалите, но за оние што живеат повисоко, особено од петнаесеттиот до четириесетиот кат, одењето нагоре пеш е речиси невозможно. Станарите се гневни, проблемот се развлекува со месеци, но доколку одговорната фирма за сервисирање постапи според најавеното, најдоцна за еден месец сите лифтови во Блок Ц ќе бидат исправни и сигурни за користење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот