Протест во Скопје на родителите на настараданите во дискотеката во Кочани / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

ВИДЕО | Емотивни и гневни пораки на родителите: Нашите деца настрадаа во името на корупцијата, митото, парите

Во Кочани да дојдете, ќе слушнете само чавки и гаврани, ништо друго. Улиците се празни, пусти. Луѓето сите одат со наведнати глави. Само ќе се прегрнат и ништо, замрен град. Како од хорор филмовите. Вака вчера на протестот во Скопје ја опиша атмосферата во Кочани татко на дваесет и едногодишно момче кој во пожарот во дискотеката „Пулс“ го загуби своето единствено дете. Болката и гневот на родителите вчера се слушнаа низ скопските улици, пред институциите, но и пред министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и пред пратениците. Со огромна болка раскажуваа за своите деца, нивните планови за иднината, но и со голем гнев испратија пораки до институциите.

– Јас лично немам притисоци, но јас никогаш не се плашам. Од што да се плашам? Јас имав едно детенце 21 година и тоа ми загина. За кого да живеам, за што? Има ли потреба да живеам јас сега? Сите од обезбедувањето позитивни на нарко -тест. Кој го обезбедува моето дете кога ќе влезе во некоја институција. Кога ќе влезе треба да биде обезбедено, безбедноста треба да му е загарантирана. А тие што? Отидоа живи, си ги земавме изгорени и умрени. Тоа ли е правда? Еве командирот што е поставен од Скопје во Кочани, во четвртокот кога беа 40 дена, првиот доушник што му се јавувал на газдата на дискотеката, беше до него – откри за прв пат во јавноста еден од родителите пред Обвинителството.

Обвинителството го нарекоа партиско дувло кое отвора предмети само по допрен партиски глас.

-Ова е партиско дувло, ова е вмровска институција, ова е картелско-бизнис дувло, ова беше огранок претходно на социјалдемократите. Најодговорни се Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни. Дали некогаш Обвинителството има реагирано по допрен глас, што им е законска обврска, освен по партиски допрен глас? Овој таканаречен обвинител, оној шизикот Тошковски, двајцата се највиновни. Какви работи се наслушавме пред да седнат во фотелјите, а ние ги плаќаме. Дали направиле ревизија што се правело претходно. Дали најголемиот криминалец Зоран Заев е затворен, не е – рече еден од присутните на протестот пред Обвинителство.

Од Обвинителството се упатија пред Собранието каде им испратија жестоки пораки на пратениците, особено кон единствениот пратеник од Кочани, Миле Лефков.

-Зошто ги дадовме нашите гласови за кочанскиот пратеник, за да ни ги убие децата за корупција. Се малку му е. Колку сака патни трошоци. И во каква состојба доаѓа на седница? Сега ќе почнат да доаѓаат пред вратата Ги гласавме да ги убијат децата наши. Партиски војник – порача еден од родителите.

Порачаа дека кочанчани нема да излезат да гласаат за ниту една партија на претстојните избори.

-Дали мислат дека сега кога ќе дојде времето за избори, дали ќе се осмелат и ќе имаат лице да се појават било која од партиите да направат изборен круг во Кочани. Дали сметаат дека ќе успеат да ги донесат гласачките кутии и да ги остават на гласачките места? Што мислите? Ќе оди некој од Кочани на гласање? Не, тоа е завршено – порачаа пред Собранието.

-Луѓе народ ако ви се случи, а натаму водите, ќе заборавите кој ве плаќал до вчера, а и народот ќе заборави колку и до колку треба да држи дистанца – порача истата жена од протестот.

Дел од нив пред Собрание ги раскажаа и животните планови на своите деца кои ги закопаа како што велат „во името на корупцијата и парите“.

-Јас лично со мојот ортак 22 години трпам и никој не може да ми излезе тука. Вчера платив еден тон пари, на нив им ги дадов за да не чуваат. Кој не чува? Кој не чува? Погледнете ги ангелите тука имате ли вие деца бе? Да беше за вашите деца, дали таму ќе се криевте? – прашуваа очајно родителите.

Родителите на двајцата другари со исто име, Андреј, раскажуваа дека и двајцата работеле во Скопје, заедно си дошле во Кочани за да излезат, но заедно и загинале.

-Андреј Лазаров работеше овде во Скопје. Заедно од Скопје за Кочани во градот на периферијата отидоа во диско и таму да заврши нивниот другарски живот. Полни енергија, полни младост, заедно и сега почиваат заедно. Заедно си дојдоа од Скопје и заедно загинаа, а никој нема објаснување зошто. Во името на корупцијата, митото, парата, нашите деца настрадаа, полни енергија. Кој мислел што ги очекува. Какви лиценци, какви дозволи, какви прегледи е правено, кој водел математика? Само пари, пари и ништо друго и сега нашите деца да ги нема. За три дена 25-ти роденден не дочека. Нашето е завршено со завршувањето на нивниот живот. Нема никаква утеха и никаква правда за нашите деца – порачаа родителите на овие загинати момчиња.

-Ова е Андреј Лазаров што играше тука во Скопје, во Шкупи. Имењаци, другари. Играше во „Работнички“. Дојде да се види се со другарите и со нас. Не дочекав да го видам. Јас бев замината на екскурзија во Турција и не се вратив дома да го видам. Ни жив, ни мртов – рече мајката на Андреј.

-Беше баран секаде, па дури и во Хрватска. Ги освои првото и второто место бидејќи од неговиот труд и работа сите беа задоволни. Добрите луѓе сите ги сакаат. Ги правеше најдобрите коктели по што беше и познат најдобрите кафиња смути, беше толку добар што постојано беше насмеан. И не знаеше да каже „не“ и затоа сите го сакаа и почитуваа. Со неговата добрина и неговото ангелско лице гледаше да спаси многу животи но за жал неговиот не. А зошто? Затоа што беа оставени сами на себе да се борат и да се спасуваат едни со други. Тој беше толку многу хуман што не можел да ги остави неговите другари да загинат. Каде се другарите таму и тој. До последна со клучот во својата рака да спаси нечиј живот со неговата кола, но го загубува и својот. Тој својата иднина ја бараше во Хрватска, сега во мај за неколку дена требаше да замина со Андреј Панов, неговиот другар, братучед и колега, но за жал не успеа. Таа кобна ноќ, 16 март не им ги одзеде животите, но не само на нив и на сите овие 62 млади чесни и невини дечиња. Нема да им простиме, нема да има прошка за нив – рече една од мајките..

Од пред Собранието заминаа пред Министерството за внатрешни работи каде ги прими министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кому освен за истрагата му кажаа со какви неправди се соочиле и откако загинаа нивните, деца. Со некои од родителите министерот се сретнал, со некои не, на некои родители им било дозволено последно да ги видат своите деца, на некои не.

-Како што рековте пред малку сте разговарале со неколку родители. Со двајца родители. На сите децата ни умреа во исто време. Значи овие сите родители сме една цела фамилија. Би требало сите да не викнете нас или вие да дојдете кај нас. А не можете вие двајца, тројца, петмина да не делите. Ние сите сме едно, сите ги изгубивме децата. Јас имав едно, сега немам ниту едно, 21 година беше. Сега немам ништо. Треба како што е редот сите да ги повикате, а не со еден, двајца, со сите. Како дојдовте до тие двајца – прашуваа родителите.

Иако зборуваше со родители кои ги изгубиле своите деца, Тошковски кажуваше дека и неговата душа плаче дека и неговите деца плачат.

-Многу ми е жал што не можам да зборувам со сите детали сега, aмa ќе можам за два месеци од сега. Сега на жалост не можам да ја загрозам истрагата, но за два месеци од сега ќе можам буквално да зборувам со сите детали. И јас сум немал доверба верувајте ми и јас сум гневен и јас сум бесен и мојата душа плаче, и моите деца плачеле. Ве уверувам дека, нема никого да поштеди за кого ќе има докази, ама никого. И да ми верувате на зборот – порача Тошковски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот