
ВИДЕО | Џеси Џеј го одржа последниот концерт пред да почне со терапијата: „Ќе го победам ракот на дојка!“
Британската пејачка Џеси Џеј упати моќна порака за време на нејзиниот последен концерт пред почетокот на терапијата, ветувајќи пред илјадници луѓе дека ќе го победи ракот на дојка.
Препорачано
Поп-ѕвездата, позната по хитовите „Price Tag“ и „Bang Bang“, неодамна откри дека ѝ е дијагностициран рак на дојка во рана фаза, по период исполнет со бројни лекарски прегледи. Иако долго се двоумела дали да ја сподели веста со јавноста, таа сепак одлучи да им се обрати на своите фанови, со објаснување дека ѝ било важно најпрвин самата да се справи со веста.
Во неделата (15 јуни), за време на нејзиниот настап на фестивалот „Capital’s Summertime Ball“ во Вембли Арена, Џеси Џеј се обрати до публиката од 75.000 луѓе, велејќи: „Овој настап ми е последен пред да започнам со борбата против ракот на дојка“.
Охрабрена од громогласните аплаузи, таа додаде: „Не можете да замислите колку ми значи ова. Горда сум што сум добро и што можам отворено да зборувам за она што го чувствувам“.
Џеси Џеј изрази благодарност за животот и за сите што ја поддржуваат: нејзиниот син, партнерот, родителите, тимот, музичарите…
„Навистина сме среќни. Имаме многу за што да живееме, многу радост, многу што да направиме“, изјави таа.
На сцената, таа ги изведе своите препознатливи песни како „Do It Like a Dude“, „No Secrets“ и „Living My Best Life“.
Во претходни објави, Џеси нагласи дека е важно да се признаат чувствата како страв, тага и паника: „Секогаш сум била за искреност. Не можеме да излекуваме нешто што не го признаваме. Ќе има денови кога ќе плачам, ќе се плашам, ќе паничам. Ќе ги почувствувам сите тие емоции – и потоа ќе јадам пченка, ќе слушам музика, ќе се насмеам со пријател… Ќе бидам мајка, ќе работам и ќе бидам она што сум 90 отсто од времето: силна, храбра, здрава – и ќе се шегувам, затоа што така се справувам“.
Но, таа додаде: „Нема да го игнорирам ни оние 10 отсто што се страв и тага“.