Се судрија два авиони на Делта на аеродромот во Њујорк/Фото: Икс

ВИДЕО | Два патнички авиони се судрија на писта на аеродромот во Њујорк

Два патнички авиони на „Делта ерлајнс“ се судрија на патеката за полетување на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк вчера вечер, објави Си-би-ес Њуз.

Авиокомпанијата соопшти дека станува збор за „судир при мала брзина“ помеѓу летот 5047 на „Ендевор ер“, кој пристигнал од Шарлот, Северна Каролина, и летот 5155 на „Ендевор“ , кој полетал за Роаноук, Вирџинија. „Ендевор“ е подружница на „Делта“.

Аеродромските власти на Њујорк и Њу Џерси соопштија дека инцидентот се случил кратко пред 22 часот по локално време. Првичните извештаи покажуваат дека крилото на летот 5155 дошло во контакт со трупот на летот 5047.

Стјуардеса била полесно повредена и ѝ била укажана прва помош на местото на настанот, пред да биде однесена во болница на понатамошен преглед.

На летот 5155 имало 32 лица (28 патници и четири члена на екипажот), додека на летот 5047 имало 61 лице (57 патници и четири члена на екипажот).

Патниците биле извадени од авионот и транспортирани со автобуси до терминалот. На оние на кои им било потребно, добиле хотелско сместување, додека сите биле прераспределени на нови летови за четврток.

Видеото снимено од продуцент на CBS News кој бил на летот 5047 покажува оштетување на крилото на другиот авион. Во аудио снимка, може да се слушне како пилотот вели преку звучниците: „Изгледа како авион да се судрил со нас“.

Причината за инцидентот останува непозната, додека властите соопштија дека другите операции на аеродромот не се засегнати.

-Нашите тимови на аеродромот Ла Гвардија работат на тоа да обезбедат услуги за нашите патници по судирот на два авиони на Делта Конекшн управувани од Ендевор Ер. Ќе соработуваме со сите надлежни органи за да истражиме што се случило, бидејќи безбедноста на нашите патници и вработени е секогаш наш врвен приоритет. Се извинуваме за евентуалните непријатности – соопшти авиокомпанијата Делта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот