
ВИДЕО | Државниот пазарен инспекторат досега извршил 297 контроли: од 23 угостителски објекти 17 имале неправилности
Државниот пазарен инспекторат од 17 март до 10 април оваа година извршил вкупно 297 надзори во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
Препорачано
Надзори се вршени кај угостителските објекти со пријавена дејност: дискоклубови, дискоклубови на отворен простор, ноќни клубови, кабареа, кафе барови, гостилници, ресторани, ресторани за свадби, бистроа, хотели и останати субјекти и издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000,00 денари.
„Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност.
Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови. Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денес веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд“ рече Митева.
Останатите правни субјекти кои немаат активна лиценца или пак се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов, таа рече дека се под постојан мониторинг и за истите ќе се преземат соодветни мерки согласно закон.
Контролата сè уште е во тек, а Владата очекува целосен и детален извештај од сите 9 одделенија на Државниот пазарен инспекторат, за овие 297 контроли на правните субјекти, да ѝ биде доставен во текот на следната недела.
Владата ги уверува граѓаните дека ова не е еднократен одговор ниту краткорочен ангажман.
„Зајакнувањето на институционалната одговорност и враќањето на довербата на јавноста остануваат наши долгорочни приоритети и ќе продолжиме да им пристапуваме на таквите прашања со зголемен фокус, доследност и одговорност! Го разбираме интересот на јавноста за ова прашање и ве уверуваме дека ќе ги споделиме сите достапни и проверени информации коишто ги имаме на располагање“ посочи портпаролката на Владата.