
ВИДЕО | Центар во офанзива против дивоградбите: „Паднаа“ тениски терени, тераси, гаражи, трафики…
Општина Центар ја продолжува офанзивата против дивоградбите во своите граница, па така денеска пристапи кон уривање на тениски терени на Водно, на улицата Славејко Арсов, изградени без дозвола.
Препорачано
Под налетот на багерите на Општината ќе паднат и кафуле и санитарни јазли во склоп на овој тениски клуб, а зафатот предвидено е да трае неколку дена, со оглед на габаритноста на овој нелегален комплекс, никнат на Водно.

„За овој комплекс издадено беше решение за уривање бидејќи уште пред неколку години целиот комплекс е подигнат без дозвола. Бидејќи сопствeникот во предвидениот рок на постапи сам, ние преземавме акција за уривање, а трошокот ќе го сноси инвеститорот“, соопштија од Општина Центар.
Вчера, со градежна механизација на улицата „Павел Шатев“, бр. 2 во палатата Емануел Чучков, се отстрануваше нелегално поставена урбана опрема, односно челична конструкција обложена со стакло, со димензии 10 х 11 метри, која функционираше како тераса на гостилницата „Аманет“.

Општина Центар овие денови е мобилизирана против дивоградбите, па во петокот се отстранети еден времен објект – трафика, со димензии 2 х 1,5 метри, кој се наоѓаше на улица „11 Октомври“, во централното градско подрачје, во близина на Црвениот Крст како и два помошни објекти – гаражи во населбата Дебар Маало, кои исто така не поседуваат соодветни решенија за поставување.
За дополнително ослободување на јавните површини во Капиштец отстранети се и 11 паркинг блокатори поставени без соодветна документација на улицата „Васил Ѓоргов“.
Ден претходно Секторот за инспекциски работи на Општина Центар за отстранување на нелегално изградени објекти отстрани 5 времени објекти (4 киосци и 1 трафика), лоцирани на улица „11 Октомври“, на автобуската станица кај Зелен пазар, кои не поседуваат решенија за поставување на времен објект.
Минатата среда со механизација Секторот за инспекциски работи отстрани два нелегално изградени објекти на улицата „Водњанска“, односно една импровизирана градба и една дрвена барака.
Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ апелираат до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти, да постапуваат по издадените решенија за отстранување на објектите. Во спротивно, општината присилно ќе ги отстрани, со што трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопственците на нелегално поставените објекти.
Акцијата на Општина Центар за справување со дивоградбите ќе продолжи и во деновите кои следат, со што ќе бидат опфатени вкупно 18 нелегално поставени и изградени објекти на територија на општината, соопштуваат од таму.