Ана Чупеска / Фото: СДСМ

ВИДЕО | Чупеска: Сиљановска да не ги потпишува законите што ја претвораат полицијата во партиска милиција

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, на денешната прес-конференција упати јавно барање до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не ги потпишува указите за измените на законите за полиција и внатрешни работи.

Според неа, новите законски решенија му даваат неограничена моќ на министерот за внатрешни работи, овозможувајќи му да именува началници и директори без никакви критериуми, искуство или стаж. Таа додаде дека со тоа се укинува професионализмот во МВР и се отвора простор за поставување на партиски кадри, па дури и лица со криминално досие.

„Ова од причина што Власта, со неверојатна лежерност, протурка скандалозни и опасни измени, кои го укинуваат професионализмот во полицијата и неа ја претвораат во партиски инструмент на принуда, или милиција која ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи“, додаде таа.

СДСМ предупреди и на сериозни повреди на европските стандарди, особено во однос на биометриското следење без соодветен надзор, како и на укинување на регионалните центри за гранични работи — што, според партијата, е опасен потег со последици и за меѓународната соработка, особено со ФРОНТЕКС.

„Ова не е реформа, туку манифест на авторитаризам“, изјави Чупеска и најави дека СДСМ ќе ги извести сите релевантни меѓународни институции, вклучувајќи ги и ЕУ, САД, ОБСЕ и Советот на Европа.

СДСМ бара претседателката Сиљановска да застане на страната на уставноста, демократијата и професионалната полиција, и да не дозволи воспоставување на, како што велат, полициска држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот