
ВИДЕО | Бура го парализираше Сплит
Утрово, непосредно пред 9 часот, Сплит беше погоден од ненадејна и силна бура која за само неколку минути предизвика целосен хаос на градските улици. Небото одеднаш се затемни, а густ ѕид од дожд падна над градот, придружен со грмотевици и бурен ветер кој носеше сè на својот пат, јавуваат хрватските медиуми.
Препорачано
Силен ветер соборуваше дрвја и гранки, канти за ѓубре беа превртени, а делови од лим и фасади паднаа од некои згради, објавува порталот Dalmacija Danas.
За многу кратко време, делови од поширокото подрачје на Сплит останаа без електрична енергија, додека сообраќајот во многу делови од градот беше речиси целосно блокиран поради поплавени патишта и затнати одводи.
Драматичните снимки прикажуваат возачи како буквално пловат по улиците, а минувачи бегаат од налетите на ветер и пороите вода.
Според достапните информации, тешко е погодено и сплитското ферибротско пристаниште, каде што фериброд се судрил со два други брода.
Еден од бродовите потонал, потврди за tportal директорот на Сплитската пристанишна управа, Вице Михановиќ.
„Поради силната бура и ветер, јажињата што го врзувале ферибродот се скинале, па тој се одвоил од брегот и почнал да плови во пристаништето. Прво се потпрел на катамаранот Krilo, а потоа на голем туристички екскурзиски брод, кој моментално тоне во сплитското пристаниште“, рече Михановиќ.
Најлошо поминале оние што се најдоа на отворено. Меѓу нив се патници и членови на екипажот на бродови каде што доживеале вистински ужас, објавува Slobodna Dalmacija.
Снимките најдобро го покажуваат обемот на бурата и како сето тоа изгледало на отворено море во областа на Сплит.