Арсовска во клинч со Мицкоски/Фото: Скриншот

ВИДЕО | Арсовска го впери прстот кон Мицкоски: Ова е мафијашка блокада, излегоа стаорци, мафијаши и бандити

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска доцна вечерва на прес конференција нагласи дека она што се случува во главниот град е незаконска блокада на претпријатието од страна на мафијаши и бандити. Таа посочи дека во јавното претпријатие биле вработени и по 30-40 членови од неколку семејства, односно како што рече „до шесто колено“.

-Мафијашки структури веќе неколку дена ја блокираат работата на Комунална хигиена поради свои лични интереси. Се работи за лица кои повеќе од 15 години работат само една смена и тоа трета смена во претпријатието, спротивно на Законот и колективниот договор. Поголем дел од нив воопшто не се појавуваат на своите работни места и не ги извршувале своите работни обврски. Сега истите ја блокираа работата на комуналното претпријатие и не дозволуваа никој да ги извршува своите работни задачи. Иако нема најавено штрајк и поголем дел од нив веќе не се вработени во претпријатието сепак тие извршија мафијашка блокада, рече Арсовска по седницата на Кризниот штаб.

Таа прстот го впери кон ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека партијата и Мицкоски со овој потег сакале да ќарат евтини политички поени.

-Морам да констатирам дека директорката Мазнева беше во право кога најави дека поради ова насилство врз граѓаните на градот Скопје ќе се појават стаорци по улиците – и тоа се случи. Погледнете ги само како инструирано и договорно настапуваат политичките партии. Вчера ниту институциите не успејаа да ја прекинат незаконската блокада на претпријатието. Ова е уште еден знак дека во Македонија не функционира правната држава, рече градоначалничката Арсовска.

Кризиниот штаб составен од скопските јавни претпријатија од вечерва го презема одржувањето на хигиената во Скопје и тие се веќе на терен и го чистат градот од насобраниот смет и ѓубре.

– Заврши времето кога јавните претпријатија беа третирани како нечија лична приватна сопственост и наместо за интересот на граѓаните работеа во интерес на малкумина. За крај сакам да додадам и да му порачам на Христијан Мицкоски дека е разобличен вечерва за тоа што со бескрупулозноста за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните кои потоа се претставува дека ги решава и расчистува. Таквите политичари се најголемото ѓубре на градот кое ние ќе го исчистиме, беше децидна  Арсовска.

ВМРО-ДПМНЕ експресно одговори на нападите од Арсовска

Веднаш по прес конференцијата на Арсовска се огласија од штабот на ВМРО-ДПМНЕ по повод нападите.

-Ја разбираме специфичната состојба во која се наоѓа Данела Арсовска, иако не ја оправдуваме истата. Веројатно ѓубрето е помалиот дел од проблемот, туку личноста со слични карактеристики на него, која го води градот. Оттука изразуваме сериозен сомнеж за деловната способност на Арсовска да го води градот. Нема претпријатие кое не го упропасти, а последниот случај покажа дека ЈП Комунална хигиена може да работи само во тесна соработка со полицијата на Спасовски. Данела Арсовска потребно е да си даде оставка и да престани да го измачува Скопје, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот