
ВИДЕО| Архитектонскиот факултет прослави 73 години од неговото постоење
Денес во просториите на Градежниот факултет во Скопје во присуство на сегашниот и поранешен наставен кадар, студенти, колеги и пријатели свечено се одбележи 73 годишниот јубилеј од основањето на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Препорачано
Архитектонскиот факултет во Скопје е формиран на 6-ти октомври во далечната 1949 година, како еден од двата најстари технички факултети во Република Северна Македонија.
Во текот на своето седум децениско постоење факултетот помина низ неколку значајни развојни фази. Првите студии по архитектура беа организирани во 1949 година во рамките на новооснованиот Технички факултет со два оддела: архитектонски и градежен.
Подоцна, во 1955 година, во рамките на Техничкиот факултет, формиран е Архитектонско-градежниот факултет со два оддели – архитектонски и градежен. Во 1976 година архитектонскиот оддел прерасна во самостоен Архитектонски факултет со единствена студиска програма по архитектура во траење од девет, односно десет семестри.
Присутните на денешната свеченост ги поздрави деканот на факултетот, Проф. д-р Огнен Марина, со една ретроспектива на развојот на Архитектонскиот факултет, но се осврна и на важноста, значењето на оваа институција како и важноста на архитектурата воопшто.
– Денеска Архитектонскиот факултет при УКИМ го прослувавува својот јубилеј 73 години од одржувањето на својот првиот академнски час на 6 октомври 1949 година токму во овој објект. Ова беше за нас доволен повод после две ипол години на пандемија да организираме прославата на јубилејот и да се собереме со сите наши пријатели и колеги меѓу кои и пензионирани професори за да го прославиме враќањето на факултетот. Верувам, дека во наредниот период ќе се соочиме со низа предизцини, но како и во минатото така и сега ќе се обидеме да изелеземе уште посилни во вакви моменти се со цел за да може да се реализира она што е планирано. Затоа ни е потребна поддршка од инститцуиите, општеството и граѓаните – изјави кратко после свеченоста за „Слободен печат“ проф. д-р Огнен Марина.
Инаку, низ долгогодишното постоење, факултетот создал повеќе од 4000 архитекти преку образовна програма реализирана и пренесена од 130 професори. На присутните им се обрати Ректорот на УКИМ потенцирајќи го значењето на факултетот и честитајќи го овој значаен јубилеј.