
ВИДЕО | Андоновиќ: Одлуката на ЕУ за отворање на преговорите со Украина – компензација за изгубените територии?
Европската Унија вчера одлучи да ги отвори преговорите со Украина и Молдавија, откако лидерите се согласија да ги започнат преговорите со овие две држави кои поднесоа кандидатура за членство во Унијата на самиот почеток од руската инвазија. Ваквиот чекор се гледа како противодговор на насилниот обид на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави под своја контрола своите најблиски соседни земји.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Паралелно со ова, ЕУ одобри кандидатски статус за ЕУ на Грузија, а беше доделен и условен почеток на преговорите со ЕУ за Босна и Херцеговина, со забелешка дека тие ќе започнат откако ќе бидат задоволени критериумите за членство.
Сепак убавата вест за Украина беше расипана неколку часа подоцна откако премиерот на Унгарија Виктор Орбан стави вето на пакетот помош вреден 50 милијарди евра за земјата зафатена со војна.
Специјалниот фонд, кој требаше да се состои од 17 милијарди евра во грантови и 33 милијарди евра во нискокаматни кредити, беше дел од поширокиот ребаланс на заедничкиот ЕУ буџет, кој меѓусебно спротивстави повеќе земји членки.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по пропаднатиот консензус рече дека ова прашање повторно ќе биде дискутирано во јануари со надеж дека тогаш ќе се најдат потребните 27 гласови за да се одобри овој пакет на помош.
Ова одбивање на финансиската помош за Украина доаѓа само неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Вашингтон во неуспешен обид да ги убеди американските законодавци да одобрат дополнителни 61 милијарди евра за неговата држава, најмногу за купување на оружје од американските производители.
Оваа одлука на ЕУ да и дозволи отворање на преговорите на Украина која е во војна, се толкува како компензација се погласните шпекулации дека властите во Киев ќе мора да се откажат од дел од територијата анектирана од Русија.
Одамна зад очите на јавноста постојат некакви преговори за запирање на војната. Ставот на Москва е јасен и беше повторен вчера од самиот претседател Путин дека запирањето на војната ќе биде во оној миг, кога Украина ќе се разоружа, или во случајот ќе се повлече од териториите кои Русија ги анектираше и потоа ги приклучи како дел од Руската федерација. Покрај Крим тука се и Луганск Доњецк Херсон и Запорожје украински области каде сè уште траат судирите меѓу двете армии.
Откако пропадна украинската контраофанзива со која Зеленски најавуваше ослободување на Крим и овие региони од руската агресија, се чини дека, плановите можеби се сменети.
Војната во Украина предолго трае на штета на Русија но и Западот. Голема е веројатноста дека можеби е дојдено времето да се седне на преговарачка маса. За да се одоброволи Русија, јасно е дека треба таа од оваа војна да излезе непоразена. Истото се однесува и за Киев, кој можеби не ја одбива очекуваната финансиска помош но добива кандидатски статус кон ЕУ, нешто кон што оваа држава тежнее од распадот на СССР во деведесеттите години на минатиот век.
Како дополнителна поткрепа на оваа шпекулација доаѓаат и се погласните најави дека Зеленски можеби ќе биде и заменет со актуелниот началник на украинскиот генералштаб генерал Залужни.
Така, Зеленски нема да мора на јавна сцена да ретерира во ветувањата дека наредните месеци ќе го протера рускиот агресор од Украина.
Путин и Москва ќе се задоволат со ослободување на новите руски територии, а новата украинска власт со забрзани евроинтеграции на Украина.
Тука останува и западот кој признал или не е изморен од Украинската војна, која покажа дека очигледно во скоро време нема да има победник.