ВИДЕО | Андоновиќ: Наместо со нуклеарна, Русија ќе му возврати на Западот со хибридна војна

Москва се закани дека ќе возврати на одлуката на САД и Велика Британија  да дозволат нивните ракети со долг дострел да се користат во напади на руска територија и предупреди дека сите опции се во игра.

Претходно оваа недела, Кремљ објави формална промена на својата нуклеарна доктрина која предвидува можен нуклеарен одговор на нападите на руска територија со помош на НАТО. Сега целиот свет е загрижен за тоа до каде е подготвен да оди Владимир Путин? Односно, колку е веројатно дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје во војна со Украина?

Москва  веќе го искористи својот стратешки арсенал за време на конфликтот во Украина во обид да го одврати евентуалното воено ангажирање на војските на западните земји. Но, и покрај сите закани за нуклеарно оружје на Русија, САД засега сметаат дека тие нема да бидат употребени и дека досега не виделе никакви знаци на невообичаено движење во залихите на нуклеарно оружје на Русија, што укажува дека нема промена во физичкото позиционирање на тактичките боеви глави.

Бидејќи при евентуална употреба на нуклеарно оружје влогот би бил голем и за самата Русија, повеќето експерти сметаат дека  Москва  најверојатно нема да употреби нуклеарно оружје барем не засега.

Користење на атомско оружје во Украина не е  на листата на опции на Москва „првенствено затоа што тоа нема да помогне да се постигнат какви било воени цели, особено што  Русија во моментов  напредува на бојното поле“.

Покрај тоа, употребата на нуклеарно оружје во конфликт за прв пат од 1945 година, ќе обедини голем дел од светот против Русија на начини кои Москва нема да може лесно да ги предвиди, но нема да може и да се справи со евентуалниот нуклеарен одговор на Западот.

Раководејќи се од оваа логика се поставува прашањето како Русија ќе му возврати на Западот?

Москва покажа голема умешност  во употребата на хибридни тактики, кои се одвиваат во „сивата зона“ меѓу мирот и војната, против нејзините непријатели, пишува Гардијан.

Го вооружи бранот на луѓе што мигрираа на Запад, насочувајќи ги кон полската, литванската и финската граница со цел да им предизвика политички тешкотии на тие земји.

Руското воено разузнавање изврши атентати во Велика Британија, Германија, Шпанија, Австрија и Турција. Таа планираше саботажа,  вклучително и употреба на запаливи уреди пронајдени во товарните центри на DHL во Германија и Велика Британија. Западните разузнавачки агенции веруваат дека обидите за бомбашки напади биле подготовка за слични потенцијални напади на летовите за Северна Америка.

Во САД и Европа, руските интернет ботови ги засилија поларизирачките прашања, со цел да ја олабават социјалната кохезија и да ја зајакнат крајната десница. Русија, исто така, беше обвинета дека ги заглавува џи-пи-ес сигналите, особено над Балтикот, попречувајќи ја навигацијата на илјадници патнички авиони.

Данските власти во средата  обвинија за саботажа на еден кинески товарен брод како најблизок до областа на Балтичкото Море, каде што претходно оваа недела беа пресечени два подводни комуникациски кабли. Сепак не се иклучи можноста дека во саботажата има руската вмешаност.

Во рамките на руската хибридна војна, Москва има историја на „склучување привремени бракови од интерес“ за спроведување операции на попречување на интересите на Западот.

Според извештајот на Волстрит журнал минатиот месец, Русија доставила податоци до јеменските Хути за да ги таргетираат западните бродови во Црвеното Море.

Шефот на британската  МИ5, домашната безбедносна служба, во октомври рече дека руското разузнавање драматично ја засилило својата соработка со криминалните банди како дел од „тековната мисија за создавање хаос на британските и европските улици: видовме подметнување пожари, саботажа и насилство, изјави тој.

Фактот дека таквите напади се случуваат  во сферите на обичниот живот, користејќи соучесници, ги прави особено тешко реагирањето и превенцијата. Тие паѓаат под нивото на отворено војување, криминалните истраги не прават многу за да ја повикаат Москва на одговорност, а разузнавачките агенции во западните демократии се во голема мера ограничени во нивниот одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот