ВИДЕО | Андоновиќ: Демонстрација на сила или провокација за Трамп? Кина започна големи воени вежби околу Тајван

Кинеската војска истрела боева муниција во Источното Кинеско Море како дел од ненадејните воени вежби кои се интензивираа во близина на Тајван, соопшти Источната команда на Народноослободителната војска (ПЛА).

Кинеските вооружени сили започнаа вежби наречени „Trait Thunder-2025A“ во централниот и јужниот тајвански теснец, фокусирајќи се на тестирање на способностите на единиците за „заедничка блокада и контрола“, како и „прецизни напади врз клучни цели“, рече портпаролот на Источната команда на кинеската војска.

Како дел од маневрите, кои претходно не беа најавени, копнените сили на Источниот воен регион изведоа „боево гаѓање  за таргетирање со прецизни удари од долг дострел во одредени области на Источното Кинеско Море“, се вели во соопштението.

„Вежбите вклучуваа прецизни удари врз симулирани цели, вклучително и клучни пристаништа и енергетски капацитети, а очекуваните резултати беа постигнати“,  ја пренесува Гардијан изјавата на претставникот на кинеската армија.

Денешните маневри доаѓаат откако претходниот ден кинеските сили  спроведоа  заеднички вежби на своите копнени, поморски, воздушни и ракетни сили околу Тајван „од повеќе правци“. Овие активности се случуваат само неколку дена откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за време на неговата прва посета на Азија рече дека САД ќе се спротивстават на „кинеската агресија“.

Источната команда на кинеската армија  ги опиша вежбите како „строго предупредување и силен одговор на сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван“, нарекувајќи ги „легитимна и неопходна акција за заштита на суверенитетот и националното единство на Кина“.

За Тајван, демократски остров со околу 23 милиони жители, кој се наоѓа на само 130 километри од кинескиот брег, овие вежби се уште еден потсетник за постојаната закана од Пекинг. Кинеската влада го смета Тајван за дел од својата територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за повторна анексија.

Тајванските власти ги осудија воените маневри како „неоправдана провокација“, обвинувајќи ја Кина за поттикнување нестабилност.

Соединетите Држави, најголемиот меѓународен сојузник на Тајван, ги осудија, како што ги нарече, кинеските „неодговорни закани и воени притисоци во близина на Тајван“. Американскиот Стејт департмент соопшти дека „сè поагресивните тактики на воено заплашување на Кина само дополнително ги зголемуваат тензиите и ги загрозуваат мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!