
ВИДЕО | Анди Исмаили од Гостивар ја освои публиката на хрватскиот „Суперталент“: Ме задеваа заради танцот, сакав да се откажам
Младиот Анди Исмаили од Гостивар, неколкукратен светски шампион во модерен танц, ја освои хрватската публика со својот танц на шоуто „Суперталент“.
Препорачано
Како што пренесува „Вечерњи лист“, младиот Анди ја воодушеви публиката, но и жирито на ова талент-шоу и доби златен тастер од Мартина Томчиќ, а со тоа директен пласман во полуфиналето.
По неговиот настап, членовите на жирито упатија комплименти до талентираниот Анди.
„Сè уште се тресам, го сакам да танцот, навистина го сакам. Танцувањето е дел од мојата личност, можеби не можам да го покажам тоа, но го чувствувам. Маја рече дека играш со голема самодоверба, јас би рекла дека повеќе се работи за страст“, искоментира Мартина.
Анди откри дека неговиот татко студирал во Хрватска и дека „Суперталент“ е едно од неговите омилени емисии. Идејата Анди да се пријави за настап на ова шоу била токму на неговиот татко.
„Тоа што добив златен тастер во омиленото шоу на татко ми е ‘шлаг на тортата’“ , изјави младиот гостиварец.
Тој вели дека неговите родители и обожавателите му се најголема поддршка, а раскажа дека сосема случајно почнал да се занимава со танц, откако вујна му го однела во школа за танц да ги гледа своите братучетки.
„Се обидов со многу спортови пред да танцувам: фудбал, карате, кошарка, но ниту еден од нив не ме натера да се чувствувам како кога танцувам. До моментот кога го направив мојот прв настап кој ги остави луѓето без зборови, тогаш сфатив дека сум длабоко вљубен во танцот“, откри Анди.
На почетокот на кариерата наишол на задевања од неговите врсници кои не биле навикнати момчиња да танцуваат . Но, она што особено го повредило е кога една професорка кажала нешто навредливо.
„Кога бев мал толку многу ми влијаеше што размислував засекогаш да се откажам од танцувањето, но сега тоа ме направи најсилната верзија од себе, вели Анди за „Вечерњи лист“.
Негова цел е еден ден да се пресели во Лос Анџелес каде ќе снима филмови и ќе танцува.
Во продолжение погледнете го настапот на младиот Анди: