Весна Дамева сè уште е претседател на Судскиот совет според нивниот портал за информирање на јавноста

Според судскиот портал на Судскиот совет наменет за информирање на јавноста за одлуките и работата на Советот, разрешената Весна Дамева сè уште е претседател на Советот.

Весна Дамева беше разрешена на бурна седница на 26 април со процедура која е надвор од Законот за судскиот совет и Деловникот за работа, во која членовите одлуката ја изгласаа со 8 гласа „за“. Иницијативата за разрешување ја покрена заменик-претседателот Селим Адеми.

Потоа, на 4 мај Советот на итна седница што ја затвори за јавноста повторно ја разреши Дамева од функцијата претседател, овој пат со 9 гласа „за“, а на истата седница е констатирана и оставката на заменик-претседателот Адеми.

– Судскиот совет на Република Северна Македонија по барање за свикување на итна нејавна седница согласно чл.38 ст.3 од Законот за Судскиот совет на РСМ на 04.05.2023 година во 14 часот ја одржа 441-та итна нејавна седница на која едногласно беше донесена одлука за исклучување на јавноста согласно чл.39 ст.2 од Законот и врз основа на изгласаната недоверба на Претседателот на Судскиот совет на РСМ Весна Дамева, со 9 гласа „за“, донесена е Одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ. Воедно донесена е и Одлука со која се констатира оставката на м-р Селим Адеми од функцијата заменик-претседател на Судскиот совет на РСМ, со одложно дејство до избор на нов претседател на Судскиот совет на РСМ, објавување на одлуката за избор во Службен весник на РСМ и негово запишување во Централен регистар за овластен потписник на сите акти и сметки на Советот – соопшти тогаш Судскиот совет на својата веб-страница.

Истиот ден попладне, на друга итна седница чченовите на Судскиот совет за претседател го избраа Сашко Георгиев.

Службениот весник во бројот 96 од 8 мај 2023 година ја објавил одлуката за избор на нов претседател на Републичкиот судски совет, а во претходните изданија нема објавена одлука за разрешувањето на Дамева.

Сајтот на Судскиот совет редовно се ажурира со соопштенија за закажани седници и со одлуките што се донесени, па нејасно е како на ова официјално гласило сè уште не е наведен новиот претседател и неговата професионална биографија.

принтскрин од сајтот на Судскиот совет

 

На денешната седница, која е продолжение на 438-та седница, претседава новиот претседател Георгиев, а се разгледуваат точките кои не беа доразгледани на 26 април, кога се случи бурното разрешување на Дамева. Според медиумите кои се присутни на седницата, Георгиев побарал камерите да ја напуштат просторијата, затоа што „немало услови за работа, а им била потребна концентрација“. Според порталот СДК, Дамева остро се спротивставила на овој предлог, но ѝ било посочено дека така претходно одлучиле членовите на колегиум, кои, пак, на седницата се согласиле новинарите да останат, како и една камера.

Досега во Судскиот совет немаше проблем да присуствуваат камерите и да ја пренесуваат во живо работата на ова тело, а благодарение на тоа присуство на 24 април јавноста дозна за скандалозниот начин на кој беше разрешена Данева.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот