
Венецуела се подготвува за вонредна состојба во случај на напад од САД
Венецуелската потпретседателка Делси Родригез предупреди дека земјата би можела да прогласи вонредна состојба доколку има воен напад од страна на САД, нагласувајќи ги „катастрофалните“ последици што би можел да ги предизвика таков напад.
Препорачано
Во последните недели, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го зголеми притисокот врз Венецуела, распоредувајќи поморски сили во Карипското Море и извршувајќи воздушни напади врз венецуелски бродови, во кои загинаа најмалку 17 лица, пишува „Гардијан“.
САД тврдат дека овие напади се дел од поширока офанзива против латиноамериканските нарко-картели кои шверцуваат кокаин и фентанил во САД.
Сепак, многу аналитичари веруваат дека овие напади би можеле да бидат претходница на поширока воена интервенција насочена кон ставање крај на владеењето на претседателот Николас Мадуро, кој е на власт во Венецуела повеќе од 12 години.
Родригез, еден од најблиските сојузници на Мадуро, ги обвини САД дека користат „голема лага“ тврдејќи дека нивните напади се фокусирани на борба против трговијата со дрога.
Според неа, вистинската цел на американскиот напад е да се запленат природните ресурси на Венецуела, вклучувајќи нафта, гас, злато и минерали, кои се од големо значење за глобалната економија.
Родригез, исто така, нагласи дека американската влада води „воена политика“ насочена кон сите земји, особено кон Венецуела.
Во случај на напад, Родригез објасни дека на Мадуро ќе му бидат дадени посебни овластувања да прогласи вонредна состојба, што би овозможило мобилизација на вооружените сили, затворање на границите и ставање на клучната инфраструктура под воена контрола.
„Никогаш нема да ја предадеме нашата татковина – никогаш“, нагласи Родригез.
NBC News објави во петокот дека американските воени претставници разгледуваат опции за таргетирање на трговците со дрога во Венецуела, вклучително и можни напади со беспилотни летала во наредните недели.
Фил Гансон, аналитичар од Кризната група со седиште во Каракас, смета дека е малку веројатно САД да ја нападнат или окупираат Венецуела.
Сепак, Гансон нагласува дека ракетните или бомбашките напади врз воените објекти или клучната инфраструктура би можеле да станат реалност, додека целата ситуација би можела да се претстави како борба против трговијата со дрога.