
Велибор Манев вели дека во Народна Банка работи човекот што го уништил пиштолот со кој Палчо ги убил Вања и Панче
Велибор Манев, еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска ја шокираше судницата, бидејќи рече дека „човекот што го уништил пиштолот со кој Љупчо Палевски ги убил Вања и Панче, работи во Народна Банка“. Го кажа и неговото име.
Препорачано
Манев рече дека се чувствува засрамен, се кае дека бил изманипулиран од Палевски кому душата му ја дал на дланка, му верувал – но бил измамен дека само ќе киднапираат луѓе а всушност следувале убиства. Манев се расплака и побара прошка зашто како што рече – „испаднал будала“.
-Бидејќи ме нарече лажго и сака да ме набеди дека јас сум ги убил Вања и Панче, еве ќе кажам дека лично тој ми се јави од турска граница и ми рече да му се јавам на З. Д. од Народна банка, член на „Десна“. Рече да му се јавам на З.Д. за тој да го отстрани „пакетот“ од кај него, да го уништи и да го фрли. Потоа го известив дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Лажев за него, иако го има на камерите. Испаднав голема будала која си го зацрни животот и ги изгуби пријателите, рече Манев за ранецот во кој бил пиштолот и моторолите. Ранецот Палевски го нарекувал „пакет“.
Според исказот на Манев, Палевски му велел дека е „најстар и ќе сноси одговорност и пред законот и пред Бога“ по грабнувањата на Вања и Панче.
Адвокатот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски побара ослободителна пресуда за Љупчо Палевски. Рече дека ќе се жали во Стразбур. Страшевски вели дека Палевски е обвинет врз основа на само 17 докази од кои ниеден не е конкретен и директен. Адвокатот рече дека нема трага, слика, снимка, сведок дека тој ги извршил кривичните дела – организирање на грабнувањата на Панче Жежовски и на малолетната Вања Ѓорчевска, како и нивно убиство потоа.
Обвинетиот Влатко Кешишев рече дека се кае за стореното и го посочи Палевски како егзекутор.
-Многу се каам, имам грижа на совест. Се договараа и извршија сами сè. Мене ми беше кажано да ќутам, да не се мешам и да седам настрана, рече во завршниот збор Кешишев додавајќи дека не го пуштиле да замине во Хрватска на работа зашто бил потребен во „Десна“.
Кога објаснуваше за грабнувањето на Вања Ѓорчевска, Кешишев рече дека му било кажано да седи настрана, да ја помрднува колата и не му било јасно што бара на местата на убиствата.
Многу се каам што го слушав и му верував. Слушав дека се работи за грабнување и изнуда, а не за убиства. Згрешив, зборуваше вознемирениот Кешишев.