Контролна кула на Националниот аеродром Роналд Реган во Вашингтон/Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Вашингтон: Авиони добивале мистериозни лажни предупредувања за судир во воздух во близина на аеродромот „Реган“

Федералната управа за авијација (ФАА) истражува зошто повеќе комерцијални летови што требаше да слетаат на националниот аеродром „Роналд Реган“, во близина на Вашингтон, постојано добиваа предупредувања за судир во воздух во текот на викендот, кога немало друг авион во близина, објави Си-ен-ен.

Предупредувањата се појавија на само неколку милји од местото на смртоносниот воздушен судир на американскиот патнички авион „5342“ и хеликоптерот „блекхок“ на американската армија на 29 јануари.

Неколку летачки екипажи пријавија мистериозни предупредувања на нивниот Систем за избегнување сообраќајни судири (ТЦАС), во саботата „што укажува дека друг авион бил во близина кога немало друг авион во областа“, се вели во соопштението на ФАА во понеделникот.

„Бевме на околу 1200 стапки, имаше некој што леташе директно кон нас“, изјави пилот на Репаблик Ерлајн на контролната кула нешто по 9 часот наутро во саботата, според аудио снимено од LiveATC.net.

„Тоа се случува цело утро. Кажете ми ако видите нешто. Никој друг не видел ништо освен на TЦАС“, предупреди контролорот на летање на кулата уште еден лет на Репаблик кој требало да слета.

„Да, добивме нешто“, одговори пилотот кратко време подоцна. „На TЦАС пишуваше дека е 600 стапки над нас, а ние не видовме ништо“.

TЦАС работи независно од контролата на воздушниот сообраќај на земјата, пребарувајќи го блискиот воздушен простор користејќи радио фреквенции од транспондери во други авиони. Ако открие потенцијален судир, системот им дава специфични маневри на пилотите за безбедно да се извлечат.

Ниските височини и пристапите за слетување може да предизвикаат проблеми со системот и бидејќи користи радио сигнали, може да има пречки, но невообичаено е толку многу авиони да добиваат лажни предупредувања за толку краток временски период.

„Пријавен е сообраќај лево од нас. Добивме нешто овде“, пилот на ПСА Ерлајнс ја праша контролната кула во саботата. „Негативно… нема познат сообраќај меѓу вас и теренот“.

ФАА вели дека некои пилоти избрале да го прекинат своето слетување, познато како обиколување, „како резултат на предупредувањата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот