Фото: Pexels / Tranmautritam

Вашата мачка може да добие деменција: Внимателно следете ги знаците што може да укажуваат на болеста

Малкумина сопственици на мачки знаат дека, исто како и кај луѓето, и кај мачките може да се појави деменција. Ново истражување открива дека постојат бројни сличности меѓу човечката и мачешката деменција, вклучувајќи и начини на развој на когнитивното оштетување, пишува „Саенс алерт“.

Симптоми и препознавање

Мачешкиот когнитивен дисфункциски синдром, познат и како мачешка деменција, е состојба поврзана со стареењето, која се карактеризира со пад на когнитивните способности и промени во однесувањето. Најчесто се појавува кај постари мачки, но симптоми се забележани и кај животни млади само седум години.

Една студија покажала дека повеќе од половина мачки постари од 15 години покажуваат знаци на деменција. Кај оние меѓу 11 и 14 години, 28 проценти имале барем една промена во однесувањето што се поврзува со состојбата.

Најчести симптоми се:

  • необично мјаукање, најчесто во текот на ноќта;
  • промени во интеракциите со луѓето – зголемена „приврзаност“ или раздразливост;
  • нарушен сон – будност навечер и спиење преку ден;
  • нечистење надвор од кутијата за песок;
  • дезориентација – губење насока, зјапање во ѕид, заглавување зад предмети;
  • промени во активностите – помалку игра, намалено чистење и нега;
  • анксиозност во познати ситуации;
  • тешкотии со учење и меморија – заборавање каде е чинијата со храна.

Грижа и третман

Бидејќи симптомите на деменција се преклопуваат со други заболувања како артритис или бубрежни проблеми, задолжително е да се консултира ветеринар.

Лек за деменцијата кај мачките не постои, но можат да се преземат мерки за олеснување на симптомите и подобрување на квалитетот на животот. Кај благи случаи, игра, стимулирање со интерактивни играчки и мали промени во средината можат да го забават напредокот. Но кај потешки форми, премногу промени може да предизвикаат дополнителна збунетост и вознемиреност.

Исхраната може да помогне, особено додатоци со антиоксиданси (витамини Е и Ц) и омега масни киселини. Сепак, мора да се користат исклучиво препарати наменети за мачки, бидејќи некои супстанции во кучешките додатоци можат да бидат токсични.

Мачешката деменција е честа и тешка состојба, но раното препознавање и соодветната грижа може значително да го подобрат животот на вашето милениче. Важно е сопствениците да ги следат симптомите и да бараат совет од ветеринар, со цел нивната мачка да има достоинствено и квалитетно стареење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот