
Ванхауте: Чудно е премиер да се повлече поради пораз на локално ниво, сега не е време за нови избори
Посредникот на ЕУ во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, оценува дека потегот со оставката на премиерот Зоран Заев поради поразот на локалните избори е „многу чуден“. Тоа се две различни нивоа на владеење и исходот во едната не смее да влијае врз другата, вели европскиот дипломат во објава на Фејсбук.
Препорачано
„Важно е тие две нивоа да се држат одвоени, бидејќи на севкупната политичка кохезија во земјата ѝ треба стабилност и граѓаните треба да разберат дека политиката на едно ниво нема директно влијание врз другото. Замислете градоначалници да поднесуваат оставки ако се разочарани од парламентарните избори“, пишува Ванхауте.
Тој исто така вели дека има впечаток оти Заев ја донел и ја соопштил одлуката да се повлече во јавноста, пред да се договори со коалициските партнери за тоа.
„Како премиер, никогаш не треба да поднесете оставка, доколку за тоа нема согласност кај коалициските партнери, кои треба да се согласат и околу следните чекори, т.е. кој ќе ве наследи како премиер“, вели Ванхауте.
Тој вели дека сепак го разбира „разочарувањето кај Заев од функционирањето на неговата партија, од немањето напредок во евроинтеграциите, од функционирањето на некои од неговите коалициски партнери…“
Ванхауте додава и дека сега не е време да се оди на предвремени парламентарни избори и дека наместо тоа, државата треба да се насочи и фокусира на националните приоритети: економскиот развој, подобрувањето на здравствениот и образовниот систем, како и на развојот на земјоделието.
Ванхауте дава мислење и за актуелниот спор со Бугарија, за кој вели дека му треба посредување, на кое „ќе му се пристапи на креативен начин“, со фокус на реалните потреби на граѓаните на Северна Македонија, а имајќи ги предвид заедничките интереси на двете земји.