Димитар Апасиев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Усвоено спорното упатство – Левица нема да може да се рекламира

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пред малку едногласно го усвоила упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, со што партијата Левица останува без можност за платено политичко рекламирање.

Информацијата за „Слободен печат“ ја потврди директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.

-Упатството е усвоено. Предлозите на Левица како спротивни на Изборниот законик не се прифатени. Членовите на Советот едногласно го усвоија – вели Трајчевски.

Левица вчера испрати претставка до АВМУ со предупредување дека предложените правила во ова упатство ги дискриминира помалите парламентарни партии и побараа итни измени.

Според Упатството кое се повикува на Изборниот законик од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.

Па така тоа им дозволува на партиите кои не освоиле ниту еден пратеник да се рекламираат, но не и партиите кои освоиле повеќе од пет пратеници. Претседателот на Левица Димитар Апасиев, уште пред да биде објавено упатството реагираше дека АВМУ под директива на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот директор планираат да ѝ зададат финален удар на Левица и да ја исклучат од платено политичко рекламирање.

Тука спаѓа и партијата ЗНАМ, но нив простор за рекламирање ќе им отстапи коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот