Гордана Димитриеска Кочоска / Фото: Принтскрин

Усвоен ребалансот на буџетот, Владата ќе троши повеќе

Владата го усвои предлог ребалансот на буџетот за 2025 година.

Според владиниот предлог, се зголемуваат буџетските приходи, кои ќе изнесуваат 362,4 милијарди денари, но и расходите кои ќе достигнат 403,7 милијарди денари

-Вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 процент повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари. Растот на планираните средства е резултат на зголемени неданочни приходи – административни такси, концесии, добивка од Народната банка и други неданочни приходи, како и проширување на самофинансирачките активности на институциите, што ќе овозможи тековното работење и програмските приоритети наместо со целосно финансирање од буџетски средства да ги финансираат со користење средства од сопствени приходи, информираше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа дополни дека даночните приходи остануваат непроменети, дека тоа е резултат на остварените приходи и подобрената методологија која што се користи за проектирање, која придонесува за помали отстапки меѓу проекциите што се прават и остварувањата на тие проекции.

Димитриеска-Кочоска информираше дека вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1 процент, односно за околу 3,5 милијарди денари како и на приходната страна, и се должи пред се на развојната компоненета.

-Со предложените измeни, или ребаланс вршиме реалокација на средства меѓу буџетските корисници, дообезбедуваме средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде обезбедивме раст на платите на вработените од 10 проценти. Исто така, обезбедени се дополнителни средства за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци и најважно е обезбедувањето дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи, додаде Димитриеска-Кочоска.

Таа напомена дека капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари, а измените се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.

Исто така, како што посочи, продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената прераспределба беа обезбедени дополнителни 600 милиони денари.

Министерката нагласи дека инвестициите остануваат приоритет на Владата, а целта е да се поттикне економската активности и да се оствари проектираниот раст.

„Оттука, со Ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7 проценти, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година. Остварувањата во првиот квартал и регистрираниот раст на БДП од 3,2 проценти прилагоден согласно сезонските и календарските податоци, е јасен сигнал дека проекцијата е остварлива и реална, рече Димитриеска-Кочоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот