Уставен суд и Министерството за правда во отворена војна: Судот ги стопира „етно-изводите“ во Упатството, Лога најави ново

Министерот Кренар Лога ја прифати одлуката на Уставен како исправна, но најави дека за најкус рок ќе подготви ново, прочистено упатство, по што, како што вели, привремената мерка на Судот ќе биде беспредметна.

Уставниот суд донесе мерка – привремено да не се издаваат изводи од матични книги со графата националност, предвидена во новото Упатство. Тоа му отвори војна со Министерството за правда. Судиите на вчерашната седница одлучија да поведат постапка за утврдување на уставноста на Упатството за водење матични книги поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во Службен весник. Министерот за правда Кренар Лога ја прифати одлуката на Уставен како исправна, но најави дека за најкус рок ќе подготви ново, прочистено упатство, по што, како што вели, привремената мерка на Судот ќе биде беспредметна. Лога најави и дека ќе го затрупа Уставниот суд со иницијативи за одлуки од институциите кои исто така го пречекориле рокот од донесувањето до објавувањето во „Службен весник“, а за нив Судот не повел иницијативи.

Расправата во Уставен ја следеше и министерот Лога од публика. Тој Упатството го потпишал на 29 мај, а во Службен весник е објавено на 15 јуни.

Лога по седницата изјави дека е вистина оти не е испочитуван уставниот рок од Секретаријатот за законодавство и од „Службен весник, но оти тоа не е направено по негова вина. Тој рече дека Уставниот суд со ова ја отвора Пандорина кутија бидејќи во многу наврати не бил почитуван уставниот рок за објавување на подзаконски акти во Службен весник“.

Лога во Министерството за правда презентира околу 50 одлуки од институции кои не го испочитувале рокот од донесувањето до објавувањето во „Службен весник“. Тој најави дека сите тие одлуки Министерството ќе ги оспори пред Уставен суд.

Лога вели дека поради непочитување од формален аспект, очекувал Судот да го укине упатството за изводите во делот на графата за националност и дека Уставен суд не треба да купува време со привремената мерка.

„По службена должност, како во овој случај, Уставниот суд треба да се произнесе и за претходните, бидејќи во сите подзаконски акти не е почитуван уставниот рок. Не треба да има иницијатива за тоа бидејќи судот го добива „Службен весник“ исто како и другите институции. Не треба да има иницијатива од било кој за Судот да одлучува. Тој по сила на закон треба да расправа и за тие подзаконски акти. Од утре сите подзаконски акти коишто веќе се објавени во „Службен весник“ ќе бидат оспорени од моја страна. Ја почитувам одлуката на Судот и најавувам дека ќе има нов пречистен текст на упатството кој деновиве ќе биде пуштен да се објави и со тоа привремената мерка ќе биде беспредметна“, рече Лога.

Според министерот, тоа ќе значи дека граѓаните по донесувањето на новото упатство повторно ќе може да вадат изводи со графа националност. Тој повтори дека упатството е според закон донесен во 1995 година. Како аргумент дека упатството е законско, Лога наведе дека тоа овозможува Собранието да избере тројца уставни судии од немнозинските заедници. Како ќе се докаже тоа, ако државата нема официјален документ како тие се идентификуваат?

На прашањето дали ќе оспори и други правни акти коишто имаат процесни забелешки како Законот за јазици, кој во „Службен весник“ беше доставен само со еден потпис, министерот одговори дека за Законот за јазици и за Преспанскиот договор веќе има иницијативи пред Уставен суд.

Одговарајќи на прашање дека поранешна министерка за правда Рената Дескоска реагираше дека е неуставно упатството што тој го потпишал, а се однесува на внесување на етничката припадност во изводот во матична книга, рече дека таа не е компетентна да го кажува тоа, бидејќи ги избегнала уставните измени и сама, како што рече, се номинирала за член на Венецијанската комисија.

„Дескоска може како професорка да дава какви сака изјави. Како министерка е лош пример оти сама се назначи, преку Владата, за член на Венецијанската комисија. Профеосорката по уставно право додека беше министерка за правда немаше храброст уставните измени за Преспанскиот договор да одат преку Министерството за правда, туку направи преседан и тие одеа преку Министерството за надворешни работи“, рече Лога.

Тој не одговори во кои држави изводите имаат графа за етничка припадност, туку постави прашање: во кои европски земји во Уставот стои „јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот