Пелагонија - студентски дом - пријавување / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

УСС УКИМ: Дигитално решение против хаосот и корупцијата при прием во студентски домови

Комисијата за дигитализација и Комисијата за студентски стандард при Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ во име на студентите пратиле барање до Министерството за образование и наука да се подобри и унапреди процесот на сместување во државните студентски домови.

Во барањето што УСС на УКИМ го достави и до медиумите се бара „воведување дигитализирано решение кое ќе обезбеди правичност, транспарентност и ефикасност при распоредувањето на соби и цимери, како и достоинствен третман на студентите при нивното вселување“.

-Како што е познато, постојниот процес на сместување создава сериозни потешкотии, меѓу кои долготрајно и исцрпувачко чекање кое оваа година траеше и по 12 часа, создавање гужви и неповолни услови за прием, простор за субјективни одлуки и коруптивни практики при доделување соби, посочува УСС на УКИМ.

За да не се повторуваат овие проблеми, УСС предлага надградба на веќепостоечкиот портал за е-услуги, преку следниот модел: по објавување на списокот на примените студенти во конкретен студентски дом, секој студент преку својот профил ќе може електронски да испрати покана до идниот цимер (кој мора да биде примен во истиот дом); второто лице ја прима поканата по електронска пошта и ја потврдува или одбива преку својот профил; по потврдата, алгоритам автоматски им доделува соба од типот што првично го избрал студентот кој ја испратил поканата – доколку таква соба не е достапна, системот доделува прва слободна соодветна соба; на крај се објавува список на соби и станари, придружен со точно определени термини за вселување, „со што се избегнуваат гужви и хаотични сцени при приемот“.

Според Универзитетското студентско собрание на УКИМ, со вакво решение ќе се постигнат повеќе придобивки: целосна транспарентност на процесот, елиминирање на субјективно влијание и корупција, достоинствен и хуман начин на сместување, поефикасно управување со капацитетите на домовите.

-Оваа иницијатива е во согласност со националните политики за дигитализација и модернизација на јавните услуги и, во исто време, претставува одговор на реалните потреби на студентската заедница. Веруваме дека Министерството ќе ја препознае важноста и корисноста на овој предлог и дека заеднички ќе придонесеме кон создавање современ, правичен и транспарентен систем за студентите, се наведува во барањето на УСС на УКИМ до МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот