
Ушаков: Трамп му се јавил на Путин, го информирал за разговорот со Зеленски
Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп му се јавил на својот руски колега Владимир Путин и го информирал за резултатите од разговорите со украинскиот претседател Владимир Зеленски и лидерите на ЕУ.
Препорачано
Ушаков рече дека Трамп и Путин повикале на продолжување на директните разговори меѓу Москва и Киев и разговарале за можноста за подигнување на нивното ниво.
„Владимир Путин и Доналд Трамп се согласија да продолжат со блискиот контакт за Украина и други актуелни прашања на меѓународната и билатералната агенда“, рече тој.
Ушаков рече дека разговорот бил „отворен и многу конструктивен“ и траел околу 40 минути, објави РИА Новости.
Според него, Путин топло му се заблагодарил на Трамп за гостопримството за време на состанокот во Алјаска.
Трамп претходно изјави дека започнал со организирање состанок меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Трамп напиша на својата социјална мрежа Truth дека разговарал за ова со Путин за време на телефонскиот повик по средбите со европските лидери во Белата куќа.
„На крајот од состаноците, му се јавив на претседателот Путин и се обидов да договарам состанок, на локација што ќе се утврди дополнително, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски“, напиша Трамп, пренесе Танјуг.
Тој додаде дека по тој состанок ќе биде организиран трилатерален состанок, на кој тој, заедно со Путин и Зеленски, ќе присуствува.
Разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот лидер Володимир Зеленски и европските претставници се одржаа синоќа во Вашингтон, по средбата на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во петокот.