Управен суд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Управниот суд ќе расправа по тужбите на Европскиот фронт

Во Управниот суд за денеска се закажани седум јавни седници на кои треба да се разгледаат тужбите поднесени од коалицијата „Европски фронт“ предводен од ДУИ против решенијата на Државната изборна комисија за парламентарните избори што се одржаа на 8 мај.

Првата седница е закажана во 10:30 часот, а последната во 22:30 часот. Седниците, како што стои на официјалната веб страница, треба да се одржат со временско растојание од два часа.

Коалицијата „Европски фронт“ во изминатите денови на прес-конференции обвини за изборен инженеринг, односно дека преку ДИК се прави обид да им се одземат еден до два пратенички мандати.

Вчера и премиерот на техничката Влада Талат Џафери ги повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.

– Како премиер на Владата на Република Северна Македонија и одговорен за успешноста на изборниот процес на претседателските и парламентарните избори имам добиено извештај од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инжинеринг со вонинституционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во ДИК во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците на изборите, рече Џафери на прес-конференцијата во Владата.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ – 18, Коалицијата ВЛЕН – 13, а Движењето ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот